Уапсен е млад човек за кој постои сомневање дека стои зад протекувањето на доверливи податоци од САД, јавува „Си-ен-ен“. Станува збор за 21-годишен припадник на Националната гарда на воздухопловните сили на Масачусетс.
Двајца американски функционери потврдиле дека истражителите пред апсењето сакале да разговараат со осомничениот за протекувањето на владини документи до приватна онлајн-група. Документите беа објавени на онлајн-платформата „Дискорд“. Тајните документи привлекоа внимание откако се појавија на јавен интернет-форум. Оттаму биле преземени на социјалната мрежа Телеграм, а потоа „Њујорк Тајмс“ извести за нив.
Како што јавува „Њујорк тајмс”, во документите има и информации за плановите на НАТО и САД за поддршка на Киев во подготовката на можна пролетна офанзива. Според „Вашингтон пост”, објавени се и тајни анализи за други земји, меѓу кои Кина и Израел. Освен тоа, од документите произлегува и како САД ги прибираат информациите и на кои извори се потпираат при тоа. Таквиот увид во праксата на американските тајни служби може да биде од исклучително значење за Русија или Кина.
Педесет страници од документите во кои имал увид „Вашингтон пост“ се однесуваат на „секое ќоше на американскиот разузнавачки апарат“, како што пишува американскиот весник.
Според информации од претставник на американското Министерство за одбрана, поголем број од протечените документи зимоска биле подготвени за генералот Марк Мили и други воени функционери, но биле достапни и за одреден број лица надвор од тој круг.
Осомничениот ќе остане во притвор, а потоа ќе биде изведен пред федералниот суд во Бостон. ФБИ соопшти дека апсењето го извршиле негови агенти и дека ја продолжуваат истрагата во домот на осомничениот во Норт Дајтон, Масачусетс.