Дали некој верува дека јас би однел, тогаш речиси 60-годишна жена, што не ја познавам, во соблекувална во стоковна куќа…, запраша Доналд Трамп на неговата „Социјална мрежа за вистина на 26 април. Но, њујоршката порота вчера кажа дека, всушност, повеќето од нејзините членови поверувале дека таквиот настан се случил.
Федералната порота во Менхетн го прогласи Трамп за виновен за сексуален напад и клевета на новинарката И. Џин Керол во 90-те години на минатиот век. Со оглед на тоа дека се работи за граѓанска тужба, на Трамп не му се закануваат криминални последици, но ќе треба да плати милионска отштета. Но, прашање е дали случајот ќе им наштети на неговите планови да се врати во Белата куќа како претседател на изборите во 2024 година.
Според пресудата на деветчлената порота на судот на Менхетн, Трамп сексуално ја злоставувал Керол, а потоа ја наклеветил обвинувајќи ја дека лаже, велејќи дека таа направила се за да ја зголеми продажбата на книгата што ја напишала. Поротата не заклучи дека во нападот се случило и силување. Исто така, со пресудата е одредена и парична казна во износ од околу пет милиони долари на име обештетување и штета причинета на Керол.
– Иако нема сомнеж дека Трамп ќе се обиде да ја спинува во негова корист пресудата според која не беше заклучено дека се случило силување, ова беше тежок ден за поранешниот претседател. Меѓу десетиците обвинувања и правни проблеми со кои се соочи откако се кандидираше за претседателската функција, оваа пресуда беше првата голема правна одлука против него. Ова е значајно. Претходно Трамп можеше да ги отфрли обвинувањата како ова на Керол, тврдејќи дека оние што го обвинуваат се политички мотивирани лудаци, но сега деветмина граѓани, шест мажи и три жени, јасно заклучија дека тој сторил нешто погрешно и оти треба да плати за тоа – пишува „Економист“.
Керол тврдеше дека Трамп ја силувал во стоковната куќа „Бергдорф Гудман“, а потоа ја наклеветил кога го негирал нејзиното тврдење и рекол дека таа не е негов тип на жена и оти таа го измислува ова за да ја зголеми продажбата на нејзината книга.
Поранешниот американски претеседател Доналд Трамп, кој не присуствуваше на вчерашното изрекување на пресудата за сексуален напад, се огласи на неговата социјална мрежа каде што ја нарече пресудата „срамна“. Тој повтори дека „апсолутно нема поим која е оваа жена што го обвинува“ и дека пресудата е „продолжение на најголемиот лов на вештерки на сите времиња“.
Трамп најави жалба откако поротата го прогласи за виновен за сексуален напад. Нему не му се заканува затворска казна како резултат на граѓанската пресуда. Поранешниот американски претседател нема да мора да ја плати казната додека се разгледува неговата жалба, објави портпаролот Стивен Чеунг веднаш по пресудата.
– Ќе се жалиме на оваа одлука. Тоа е срамота. Некако ќе мора да се бориме. Не можеме да дозволиме нашата земја да падне во оваа бездна – рече Трамп во едно од неколкуте видеа што ги објави на својата платформа.
Трамп тврди дека не знае која е Керол и го нарече судењето „многу нефер“.
Адвокатот на Доналд Трамп Џо Такопина ја нарече одлуката на поротата чудна пресуда, истакнувајќи дека поротата ја отфрлила тужбата за силување против неговиот клиент. Поротата утврди дека Трамп сексуално ја нападнал Е. Џин Керол во 1996 година, доволно за да го смета за одговорен за нанесување повреди, но не најде докази дека тој ја силувал.
Американските медиуми забележаа дека било чудно кога Трамп рекол дека таа не е негов тип, а при идентификацијата на фотографијата ја помешал со неговата поранешна сопруга.
Со ова на поранешниот американски претседател му е нанесен судски удар додека се бори повторно да влезе во Белата куќа, коментираат локалните медиуми. Овој случај нема правно дејство кога станува збор за кандидатурата на Трамп за претседателската кампања за претстојните претседателски избори, бидејќи како што објаснува „Си-ен-ен“, станува збор за граѓанска тужба.
Но, Трамп допрва ќе се соочи со правни битки, вклучувајќи ги оние за наводно справување со тајни документи и за неговата улога во упадот на Капитол на 6 јануари 2021 година, како и со истрагата за мешање на изборниот процес во американската сојузна држава Џорџија, што би можела да му нанесе најголема штета.