Хаотичното минатогодишно повлекување од Авганистан е само еден од низата повлечени потези на носителите на надворешната политика на САД што создаде сомнеж за стабилниот капацитет на Америка за глобално лидерство… Анализирајќи повеќе експерти од соодветни области, реномираниот „Фајненшл тајмс“ во свои написи прави синтеза од „шест лекции“ за водење на надворешната политика на САД

Шест лекции од меѓународноправни и политички експерти за носителите на американската надворешна политика

Начинот на кој минатата година САД го напуштија Авганистан, кај нивните партнери и сојузници низ светот создаде сомнеж во американската сигурност и компетенција. Одлуката за завршување на најдолгата воена мисија во историјата на САД беше правилна, но од ова хаотично повлекување треба да се научат шест круцијални лекции за надворешната политика. Вака ја започнува својата анализа Џејн Харман, која беше членка на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес по нападите од 11 септември 2001 година. Таа е авторка на книгата „Одбрана на лудилото: Зошто нашиот неуспех во решавање на тешките проблеми околу националната безбедност нè прави помалку безбедни“.
Во својата анализа за „Фајненшл тајмс“, таа укажува кои се шесте лекции.
Прво, на населението во Авганистан му е потребна постојана поддршка од страна на САД – особено на жените и девојките, чии соништа се уништени поради повторното ригидно наметнување на талибанскиот верски кодекс, како и на преведувачите и персоналот, на кои им ветивме дека ќе ги заштитиме. Америка веќе е најголемиот индивидуален хуманитарен донатор во Авганистан, а сега е поедноставена и зајакната и програмата за специјални емигрантски визи за преселба на авганистанските државјани што работеа со американските трупи.
Второ, САД треба да покажат соодветна благодарност кон своите сојузници. Пред неколку месеци предводев делегација од истакнати жени – експерти за надворешна политика во посета на воздухопловната база Ал Удеид во Катар. Една приказна ни остави незаборавен впечаток. По самоубиствениот бомбашки напад на аеродромот во Кабул на 26 август минатата година, во кој загинаа 13 американски војници и 170 Авганистанци, едно четиригодишно момче било втурнато во преполниот авион „Ц-130“. Одејќи натаму, детето грабнало нешто како мала бовча, за која испаднало дека е тримесечно бебе. Денес двете дечиња се живи и здрави, повторно заедно со преживеаните членови на семејството.

Што ќе правевме без Катарците, кои помогнаа во преселбата на 80.000 бегалци? Емирот беше срдечно пречекан во Вашингтон, а неговата земја доби „специјален статус“ на главен американски сојузник што не е член на НАТО – титула што го подобрува нашето партнерство со една од клучните држави од Блискиот Исток.
Третата лекција е да се биде пребирлив во однос на воените мисии. Најдобар модел за ова е улогата што САД ја презедоа како одговор на со ништо испровоцираната и незаконска руска војна против Украина. Претседателот Џо Бајден беше јасен – нема да има американски чизми на военото поле. Наместо тоа, тој им се придружи на НАТО и на ЕУ во обезбедувањето оружје и помош.
Ретка и многу добредојдена двопартиска акција од страна на Конгресот е и речиси едногласната поддршка за отстапувањето милијарди долари за воена и економска помош. Исто така, администрацијата на Бајден ја продолжи мисијата за борба против тероризмот, за што сведочи убиството на водачот на Ал каеда, Алман ал Завахири во Кабул. Сиве овие се примери за лимитирани и остварливи цели.
Следно, потребно е да се избегнуваат мисии од типот „ползечка мисија“, каква што се случи по завршувањето на ограничената воена мисија – овластена од Конгресот – која беше реакција на нападите од 11 септември 2001 година.
Многумина од нас се сомневаа во стратегиите „расчисти, задржи, изгради“ и „зајакни“, кои ја направија американската војска главна во изградбата на институции од западен стил во Авганистан, како и во поддршката на воената командна структура, полна со ендемична корупција. Особено еклатантна епизода беше онаа со видливата поддршка за Ахмед Вали Карзаи, братот на поранешниот авганистански претседател Хамид Карзаи, со цел зачувување на мирот во регионот на Кандахар.
Петто, Конгресот мора да остане активно вклучен. Одобрението за употреба на воена сила од 2001 година, кое го поддржавме јас и сите, освен еден член на Конгресот, беше неубедливо оправдување за вкупно 41 американска воена акција во 19 земји. Конгресот никогаш не направи негови измени, ниту го замени со друго. Ажурирањето на ова одобрение би било одличен начин да ѝ се објасни на американската јавност зошто и кога треба да се користат американските воени сили.
И конечно, лекцијата број шест – неопходна е една глобална стратегија за лидерство на САД. Последен момент е да се креира несовладлива тактика за американско лидерство во светот што ќе се изгради по завршувањето на студената војна. Разбирањето на сопствените грешки од Авганистан, пронаоѓањето начини за обезбедување континуирана и ефикасна помош за оваа држава, како и справувањето со предизвиците од типот на Украина и други, секако би означувале еден добар почеток.

Подготвил: Mарјан Велевски