Шведска и Финска, кои минатата недела ги поднесоа своите официјални кандидатури за членство во НАТО, ќе присуствуваат на самитот на Алијансата во Мадрид во јуни, изјави шпанскиот премиер на форумот во Давос.
-Двете нордиски земји секако ќе бидат во Мадрид, на самитот што ќе се одржи од 28 до 30 јуни – изјави Педро Санчез, кој за тоа беше прашан од претседателот на Светскиот економски форум (СЕФ) Борхе Бренде.
-Ова се две големи демократии и верувам дека е многу важно да ги имаме како сојузници на НАТО – продолжи Санчез.
-Атмосферата, актуелниот контекст и политичката желба на сојузниците е да се работи на прашањето на овие две земји, рече шпанскиот социјалистички лидер, пренесува Хина.
Тој нагласи дека Шпанија ќе го „забрза парламентарниот процес“ кога ќе биде ратификуван приемот на двете земји.
Како резултат на војната во Украина, Финска и Шведска официјално поднесоа барање за влез во НАТО минатата недела, но Турција се спротивстави на членството на двете земји во Алијансата.
Санчез рече дека главната цел на самитот во Мадрид ќе биде „единство на сојузниците“ и единство „меѓу НАТО и Европската унија“.