Шпанија ја засили безбедноста на јавни и дипломатски објекти по серија испратени писма со експлозивен материјал, од кои едно пристигнало и на адресата на премиерот Педро Санчес. Министерството за внатрешни работи соопшти дека Санчес добил „плик со пиротехнички материјал“ на 24 ноември, кој веднаш бил онеспособен од неговото обезбедување.
– Уредот е сличен на оние што вчера беа испратени во украинската амбасада и во фабрика за оружје во Сарагоса, како и на уредот што утрово беше пресретнат во воздушната база Торехон де Ардос – кажаа од министерството.
Во вчерашната експлозија на писмо-бомба во украинската амбасада во Мадрид полесно беше рането едно лице. Амбасадорот Серхиј Погорелцев изјави дека сомнителниот пакет бил наменет за него.
– Пакетот содржеше кутија, што ги зголеми сомнежите кај командантот на амбасадата, кој реши да ја изнесе надвор. Откако ја отворил кутијата, се слушнал звук, по што ја фрлил. Потоа уследила експлозија, во која на командантот му се повредени рацете – изјави Погорелцев.
При скенирањето на другите пакети исто така бил откриен механизам, кажаа од министерството за внатрешни работи.