Фото: пиксабеј

Европа ќе ја плати највисоката цена, вели меѓу другото хрватскиот аналитичар и додава дека доколку Русија не успее да ги постигне своите геополитички цели, веројатно, оваа есен и зима целосно ќе го затвори снабдувањето со нафта и природен гас за Европската Унија. Ваквиот потег би можел да предизвика нов миграциски бран од Северна Африка, Блискиот Исток и делови од Азија во пролетта 2023 година. Војната во Украина целосно ќе ги преобликува меѓународниот поредок и меѓународната економија. Високата технологија повторно станува средство за геополитичка борба. Западот сака да ја ограничи Кина на секој начин. Сето ова влијае на развиениот свет, но уште многу повеќе ќе влијае на земјите во развој и на Третиот Свет

Провокативно предавање на д-р Роберт Бариќ во Загреб за глобалните последици од војната во Украина

Неодамна во Загреб се одржа едно интересно предавање, кое предизвика многу дискусии во пошироката јавност, бидејќи отвори навистина интересни и провокативни прашања. На 6 јули, д-р Роберт Бариќ, доцент на Факултетот за политички науки во Загреб, познат на пошироката јавност како одличен воен аналитичар, одржа предавање на кое зборуваше за глобалните последици од војната во Украина.
Главната теза на хрватскиот аналитичар е дека доколку Русија не успее да ги постигне своите геополитички цели, веројатно, оваа есен и зима целосно ќе го затвори снабдувањето со нафта и природен гас за Европската Унија. Ваквиот потег би можел да предизвика нов миграциски бран од Северна Африка, Блискиот Исток и делови од Азија во пролетта 2023 година.
– Ова ќе биде долготрајна војна, која ќе има многу сериозни последици. А Европа ќе плати највисока цена затоа што сега е јасно дека политиката на Германија и на Франција кон Кина и Русија во последните 25 години заснована на принципот „промена преку трговија“ беше сосема погрешна. Овој конфликт е катализаторот што ги забрза сите промени што започнаа порано, со судирот меѓу САД и Кина и пандемијата – вели Бариќ, нагласувајќи дека ова не е војна меѓу Русија и Украина, туку отворена конфронтација меѓу Русија и Западот.

Конфликтот започнал уште во 1991 година

Според д-р Роберт Бариќ, од почетокот и двете страни имаа сосема поинаков став за регулирањето на меѓународните односи. За Русија, крајот на Студената војна значеше крај на идеолошката конфронтација. Сакаа да се вратат во јатото на „стариот Запад“, во кој Русија и САД ќе ги диктираат глобалните процеси во партнерство како еден вид владение на две големи сили. Соединетите Американски Држави не го прифатија тоа бидејќи не сакаа обновување на руската евроазиска хегемонија. И тука започнуваат сите конфликти – додава аналитичарот.
Бариќ се спротивставува на размислувањата дека на светот му треба нов Горбачов наместо Путин.
– Русија сака да ја искористи зависноста на Европа од енергија, но и недостигот од храна во Африка, Блискиот Исток и големи делови од Азија. Со ова сакаат да направат криза што ќе предизвика поделеност на Западот, каде што како слаби точки се проценуваат Франција, Германија и Италија. Русите веќе не го кријат тоа. Целта е одредени западни земји да ја принудат Украина да склучи какво било примирје што би ја претворило војната во замрзнат конфликт. А дотогаш ќе се трудат да победуваат колку што можат. И затоа руските напади ќе продолжат до крајот на јули, кога двете страни ќе треба да одат во оперативна пауза – вели аналитичарот.
Тој наведува дека Русија смета дека оваа војна е само една епизода од отворен конфликт со Западот. Затоа, според него, и не може да се постигне договор со Русија.
– Нема шанси да го собориме Путин од власт. Русите ја поддржуваат оваа војна бидејќи 75 отсто од Русите сметаат дека ова е оправдана војна. Ако на Русите им се дозволи да го прават тоа што ѝ го прават на Украина, тогаш се испраќа порака дека освојувањето туѓа територија повторно стана норма во решавањето на меѓудржавните конфликти, што беше отфрлено уште во 1945 година. Кина, Турција и Иран многу внимателно набљудуваат што се случува. Сите овие земји имаат свои амбиции.

За западните санкции и преструктурирањето на руската економија

Според д-р Роберт Бариќ, санкциите не можат да ја запрат оваа војна. Целта на санкциите е да ја ослабат Русија толку многу што во иднина повеќе ќе нема политичка, економска или воена способност повторно да нападне некоја земја. Руската економија ќе се намали за најмалку 10 отсто од БДП. Руските медиуми ги анализираат економските последици, кои ќе почнат да се чувствуваат наесен или во зима. Очекуваат проблеми во индустриското производство и зголемување на невработеноста. Русите најавуваат структурни реформи. На Запад тоа веќе го нарекуваат „технолошки примитивизам“. Имено, Русија се подготвува да ја преструктурира целата своја економија на технолошкото ниво што постоеше од крајот на шеесеттите до крајот на осумдесеттите години на минатиот век. Ова може да овозможи опстанок на Русија и режимот, но на долг рок Русија ќе биде целосно отсечена од технолошкиот напредок и ќе остане само суровинска база – истакнува Бариќ, нагласувајќи дека стратегискиот сојуз меѓу Кина и Русија ќе се продлабочи, само што Москва ќе стане послаб партнер.

Идејата за стратегиска автономија на Европа моментално е во
хибернација, а Европа мора да им се приклучи на САД

Но она што привлече посебно внимание беше делот од предавањето во кое професорот тврди дека светот сега има нов меѓународен поредок и е поделен на два табора.
– Едниот ќе биде предводен од Кина, а другиот од САД. Ова ќе доведе до значително намалување на глобалните економски синџири на снабдување меѓу Кина и остатокот од светот, што веќе се случува. Западните компании се повлекуваат, дел од производството веќе се враќа на Запад. Го зајакнува процесот против глобализацијата. Ова е регионализација: економска, политичка и безбедносна. Нема да се прекинат сите економски врски, но значително ќе се намалат и ќе се скратат синџирите на снабдување. Руската инвазија на Украина само го забрза овој процес – објаснува тој.
Бариќ притоа истакнува дека Европа е принудена да се позиционира во новиот економски поредок.
– Долго време Европа се обидуваше да одржува економски односи со Русија и Кина и стратегиски безбедносни врски со САД и тоа сега е завршено. Сакале или не, Европа мора да се усогласи со САД. Идејата за стратегиска автономија на Европа моментално е во хибернација. Нарушувањето на глобалните синџири на снабдување ќе доведе до одвојување и изолација на пазарите преку создавање два конфликтни блока. Инвеститорите мора да инвестираат поблиску, да најдат алтернативни извори на енергија и пазари. Сега можеме да ги видиме негативните страни на економската меѓузависност преку руските енергетски производи. Дел од масовната миграција се и бегалците од Украина. Разликата е во тоа што Централна Европа сака украински бегалци бидејќи ѝ треба висококвалификувана и обучена работна сила од истиот културен и цивилизациски круг, која лесно се асимилира и се вклучува на пазарот на трудот – вели аналитичарот.
Тој го заврши своето предавање со процената дека војната во Украина се претвора во долготрајна војна на трошење.
– Украинците ќе платат многу висока цена, но немаат избор. Тие самите признаваат дека ако се согласат со руските барања, ќе бидат уништени како народ за дваесет-триесет години. Затоа бараат западната помош за Украина да продолжи, во износ од пет до десет милијарди долари месечно. Целосно ќе се преобликуваат меѓународниот поредок и меѓународната економија. Високата технологија повторно станува средство за геополитичка борба. Западот сака да ја ограничи Кина на секој начин. Сето ова влијае на развиениот свет, но уште многу повеќе ќе влијае на земјите во развој и на Третиот Свет – заклучува аналитичарот.

Од нашиот соработник од Хрватска, Ангел Митревски