САД распишаа потерница од пет милиони долари за каква и да било информација што ќе води кон апсење на Максимилијан Ривкин, шведски меѓународен криминалец со српско потекло, соопштија синоќа од Стејт департментот.
САД го обвинуваат Ривкин (39) како администратор и инфлуенсер на шифрирана комуникациска платформа употребувана од криминалците низ целиот свет за учество во разни злосторнички дела од декември 2020 до пролетта 2021 година.
– Неговите комуникации на платформата го вовлекуваат во неколку злосторнички активности вклучувајќи наводно учество во трговија со дрога, перење пари, заговори за убиство и други насилни чинови – изјави портпаролот Метју Милер.
Во потерницата се наведува дека шифрираниот комуникациски сервис за трговците со дрога бил тајно развиен од Федералното биро за истраги (ФБИ) и пуштен во употреба во 2018 година (но Ривкин не знаел за тоа). Со употреба на сервисот во меѓународни операции со повеќе полициски служби, ФБИ фатило над 800 криминалци при што биле запленети 38 тони дрога и 48 милиони долари во разни девизи.
Од Стејт департментот истакнуват дека понудата за награда е објавена заеднички со полициската служба на Шведска која го обвинила Ривкин за трговија со дрога и криумчарење.
Од федерална порота во Вашингтон тој на 28 мај беше обвинет за заговор со рекет и вклученост во трговија со дрога и перење пари.
-Оваа заедничка понуда за награда ги засилува напорите на САД да се наруши и oдврати меѓународниот криминал на глобално ниво и да се изгради коалиција за справување со заканите од синтетички дроги, изјави Милер.
Додаде дека меѓународниот организиран криминал и незаконската трговија со наркотици е закана за економскиот прогрес и предизвик за стабилноста на владите и општествата низ целиот свет.
Во потерницата по Ривкин се вели дека е државјанин на Шведска со српско потекло.