Нов обид за атентат врз претседателскиот кандидат Доналд Трамп
Инцидентот што ФБИ го окарактеризира како обид за атентат следува по околу два месеца откако Трамп беше застрелан на предизборен митинг во американската сојузна држава Пенсилванија на 13 јули, при што доби полесна повреда на десното уво. И двата инцидента ги истакнуваат предизвиците за одржување на безбедноста на претседателските кандидати во жестоко оспорувана и поларизирана кампања, на нешто повеќе од седум недели до изборите на 5 ноември
Живееме во опасни времиња, истакна портпаролот на американската Тајна служба на прес-конференција во неделата попладне, само неколку часа по новиот обид за атентат врз претседателскиот кандидат на Републиканската партија на САД, Доналд Трамп, во изминатите неколку месеци. Тој ја даде својата процена откако агенти на Тајната служба пукале врз вооружен маж што се криел во грмушки во близината на терен за голф на кој се наоѓал Трамп, соопштија американските медиуми.
Осомничениот оставил автоматска пушка „АК-47“ и други предмети на местото на настанот и побегнал со возило, но подоцна бил уапсен.
Инцидентот што ФБИ го окарактеризира како обид за атентат следува по околу два месеца откако Трамп беше застрелан на предизборен митинг во американската сојузна држава Пенсилванија на 13 јули, при што доби полесна повреда на десното уво. И двата инцидента ги истакнуваат предизвиците за одржување на безбедноста на претседателските кандидати во жестоко оспорувана и поларизирана кампања, на нешто повеќе од седум недели до изборите на 5 ноември.
Два спротивставени наратива за безбедноста на Трамп
Веднаш по инцидентот, првичната анализа сугерираше за два спротивставени наратива. Првиот наратив се фокусираше на тоа колку е изложен Трамп во однос на можни закани, дури и откако безбедноста беше зголемена по првиот обид за атентат врз него во Пенсилванија, односно навидум колку лесно успеал тешко вооружен маж да се доближи до претседателскиот кандидат.
– Доколку Трамп беше актуелен претседател, Тајната служба никогаш немаше да му дозволи да игра голф во толку отворена средина. Но тој не е актуелниот претседател и затоа сме ограничени на процените на Тајната служба – истакна шерифот на округот Палм Бич, на Флорида, Рик Бредшо.
Вториот наратив е попозитивен. За разлика од обидот за атентат врз Трамп во округот Батлер, во Пенсилванија, при кој Тајната служба се соочи со сериозни прашања за нејзината компетентност, што доведе до оставка на нејзината тогашна директорка, Кимберли Читл, се чини дека последниот инцидент ја прикажа агенцијата во многу подобро издание. Осомничениот напаѓач бил забележан од агент на Тајната служба, кој дејствувал како обезбедување, одејќи пред Трамп на теренот, за да се осигури од потенцијални закани. И покрај густото зеленило што го опкружувало местото каде што се криел осомничениот, агентот здогледал цевка од пушка и испукал од четири до шест куршуми.
– Тајната служба го направи токму она што требаше да го направи, а нивниот агент заврши фантастична работа – нагласи Бредшо.
Додека било пукано врз него, осомничениот ја фрлил пушката и побегнал низ грмушките до автомобил „нисан“, за кој се претпоставува дека го оставил стратегиски лоциран за брзо бегство. Случаен минувач го видел обидот за бегство и успеал да го фотографира возилото, вклучувајќи ја и регистарската табличка. Осомничениот набргу потоа бил следен на автопатот И-95 и веднаш бил приведен.
Шериф од соседниот округ Мартин, каде што било спроведено приведувањето, посочи дека осомничениот не бил вооружен и навидум бил „релативно смирен, без да покажува емоции“.
Осомничениот атентатор поставил „снајперско гнездо“
Фотографиите објавени од органите на редот од местото на кое бил забележан осомничениот напаѓач укажуваат дека тој поставил своевидно „снајперско гнездо“, што сигурно ќе отвори остри безбедносни прашања за тоа како некој успеал да дојде толку блиску до Трамп, особено земајќи го предвид претходниот обид за атентат во јули.
На прашањето од новинарите колку далеку бил напаѓачот забележан во неделата до неговата очигледна цел, шерифот Бредшо одговорил: „Веројатно помеѓу 360 и 460 метри, но со пушка со нишан, тоа не е големо растојание“.
Бредшо објасни дека областа е опкружена со густи грмушки, што ги отежнува околностите за безбедносните служби. Федералните агенти открија дека, освен пушката „АК-47“ со нишан, осомничениот имал два ранци, како и уред за снимање „ГоПро“.
Бајден наредил зголемување на ресурсите на Тајната служба
Трамп набргу по инцидентот преку мејл испратил порака до приврзаниците, велејќи дека има „истрели во моја близина, но пред гласините да излезат од контрола, сакав прво да го слушнете ова: јас сум безбеден и добро“, како што пренесува „Ројтерс“.
Белата куќа соопшти дека претседателот Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис биле информирани за инцидентот, по што Бајден истакна оти му наредил на својот тим да се погрижи Тајната служба да ги има потребните ресурси за да ја осигури безбедноста на Трамп, се вели во соопштението објавено од Белата куќа.
Трамп беше ранет во десното уво на изборен митинг во Пенсилванија на 13 јули. Вооружениот напаѓач, идентификуван како 20-годишниот Томас Крукс, тогаш беше застрелан и убиен од снајперист на Тајната служба. Тоа беше прво пукање врз американски претседател или претседателски кандидат во повеќе од четири децении, а очигледниот безбедносен пропуст ја принуди директорката на Тајната служба, Кимберли Читл, да поднесе оставка. Новиот вршител на должноста директор на Тајната служба во август изјави дека се „засрамил“ од безбедносниот пропуст што довел до обидот за атентат. Р.С.
Осомничениот бил незадоволен од американската политика за Украина?
Осомничениот напаѓач е во притвор по очигледниот обид за атентат врз поранешниот претседател Доналд Трамп на терен за голф во Вест Палм Бич, на Флорида.
– Осомничениот, идентификуван како Рајан Весли Рут, на 58-годишна возраст, се чини дека бил мотивиран од фрустрација од американската политика за војната во Украина, објави „Њузвик“.
Во интервју од јуни 2022 година за романското издание на „Њузвик“, Рут зборувал за неговите наводни напори да регрутира доброволци за меѓународна единица за одбрана на Украина, во рамките на украинските копнени сили. Toj претходно дал слично интервју и за „Њујорк тајмс“.
„Си-ен-ен“ во неделата попладне објави дека ги проверува информациите за профилите на Рут на социјалните мрежи, кои се фокусирани на неговата „самопрогласена вмешаност“ во војната во Украина, вклучувајќи ги и неговите наводни напори да регрутира војници за да се борат во конфликтот. Рут, исто така, тврди дека се борел во Украина.
Трамп е гласен во својот скептицизам за обезбедување воено оружје за Украина во текот на кампањата за претседателските избори. Р.С.