Русија денеска објави дека ја тестирала интерконтиненталната балистичка ракета „Сармат“, ново дополнување на нејзиниот нуклеарен арсенал.
На телевизија беше прикажано дека армијата му кажала на Путин дека ракетата била лансирана од Плесецк на северозападот на земјата и дека погодила цели на полуостровот Камчатка на далечниот исток.
– Новиот комплекс има највисоки тактичко-технички карактеристики и е способен да ги надмине сите современи средства за ракетна одбрана. Слични во светот нема и нема да има уште долго време – нагласи Путин.
„Овие навистина уникатни оружја ќе го зајакнат борбениот потенцијал на нашите вооружени сили, сигурно ќе ја гарантираат безбедноста на Русија од надворешни закани и ќе им даде да размислат на оние кои, во жарот на избезумената агресивна реторика, се обидуваат да ја загрозат нашата земја“.
„Сармат“ е нова тешка интерконтинентална балистичка ракета, а Русија се очекува да ја опреми секоја со десет или повеќе боеви глави, според Конгресната служба за истражување на САД.