Инфлацијата во Унгарија денеска достигна 10,7 отсто, што е прва двоцифрена бројка во последните 20 години, и покрај серијата ценовни ограничувања, воспоставени од премиерот Виктор Орбан.
Годишната инфлација во мај, од 9,5 отсто во април, беше најбрзиот раст од 2001 година, при што повеќето артикли во потрошувачката кошница, како што се храната и производите за широка потрошувачка, се зголемија за повеќе од 10 отсто на годишно ниво.
Унгарската централна банка (МНБ) од минатата година ја зголеми основната каматна стапка за речиси пет процентни поени, на 5,4 отсто за да се бори против инфлацијата и да го стабилизира форинтот.
Владата на Орбан, исто така, ги одреди цените на бензинот и дизелот на 480 форинти (1,32 долари) за литар од ноември. На почетокот на годинава беа ограничени и цените на неколку основни прехранбени производи, вклучително брашно, шеќер и масло за јадење.
Од февруари, енергетската криза и руската инвазија на Украина поттикнаа нагло зголемување на цените на храната низ Европа.