Претседателските избори во САД ќе бидат најзначајните за светската економија: Џо Бајден / Фото: ЕПА

Со постојани воени конфликти, зголемени екстремни временски услови и значаен број национални (парламентарни и претседателски) избори што претстојат, веројатно е дека 2024 година ќе испорача уште повеќе од истите тековни горливи проблеми…

Што ни носи новата 2024 година на глобален план

Домино-ефект на глобалната сцена за безбедносните жаришта… Тие, воените жаришта, се појавуваат и се разгоруваат едноподруго, поттикнувајќи се меѓусебно, иако на прв поглед се чини дека се неповрзани. Последните инциденти со нападите врз клучниот бродски сообраќај во теснецот на Црвено Море од страна на група милитанти во Јемен – многу експерти го толкуваат како прелевање на војната меѓу Израел и Хамас во Газа. Сето тоа внесува нова доза нестабилност во светската економија, која веќе се бори со растечките геополитички тензии. Ризикот од ескалација на конфликтот на Блискиот Исток е најновиот во низата непредвидливи кризи, вклучувајќи ги и претходните од кои сѐ уште не закрепнавме и сѐ уште траат: војната во Украина и, секако, ковид-19.
И како што е тоа во животот некако вообичаено, дека една несреќа повлекува друга, во блиска иднина, на глобално ниво, според аналитичарите, претстојат уште повеќе локални нестабилности во форма на бран на (национални) избори, чии реперкусии би можеле да бидат длабоки и долги. Имено, во 2024 година, повеќе од две милијарди луѓе во околу 50 земји, вклучувајќи ги Индија, Индонезија, Мексико, Јужна Африка, Соединетите Американски Држави и 27-те земји на Европскиот парламент, ќе излезат на гласање. Севкупно, учесниците на „изборните натпревари во 2024 година“ сочинуваат 60 отсто од светското економско производство.

Во новата 2024 година исто како во триесеттите години на минатиот век

Недовербата кон владите расте, електоратите се длабоко поделени, а постои постојана вознемиреност кај луѓето воопшто, поради сѐ помалата предвидливост на економските перспективи, забележува во својата анализа реномираниот „Њујорк тајмс“.
Ваквите состојби, изјави за медиумот Дајан Којл, професорка по јавна политика на Универзитетот во Кембриџ, може да ја насочат глобалната економија во „многу поинаков свет од оној на кој сме навикнати“.
На многу места, скептицизмот во врска со глобализацијата е поттикнат и зајакнува од процесите на стагнантните приходи, падот на животниот стандард, како и од растечката нееднаквост.
Професорката Којл накратко изјави: „Светот на намалена трговија е свет на намален приход“! А тоа ја зголемува можноста за „маѓепсан круг“, бидејќи „изборот на десничарите веројатно дополнително ќе го ослабне глобалниот раст и ќе ги наруши економските богатства“, забележува таа.
Многу економисти ги споредија неодамнешните економски настани со оние од 1970-тите, но деценијата за која професорката Којл рече дека ѝ падна на ум беа всушност 1930-тите, кога политичките пресврти и финансиските нерамнотежи „се одиграа во популизам и опаѓање на трговијата, а потоа и екстремна политика“.

Избори низ светот: Колосално влијание на светскиот тренд на движење на политиките

Најголемите избори во 2024 година се во Индија. Во моментов, најбрзо растечката економија во светот се обидува да се натпреварува со Кина како производствен центар во светот. Претседателските избори во Тајван во јануари имаат потенцијал да ги засилат тензиите меѓу САД и Кина. Во Мексико, гласањето ќе влијае на пристапот на Владата кон енергија и странски инвестиции. И новиот претседател во Индонезија може да ја смени политиката за критичните минерали како никелот.
Претседателските избори во САД, се разбира, ќе бидат најзначајните за светската економија. Натпреварот што се приближува веќе влијае на донесувањето одлуки. Минатата недела, Вашингтон и Брисел се согласија да ги суспендираат тарифите за европскиот челик и алуминиум и за американското виски и мотоцикли до изборите.
Договорот му овозможува на претседателот Бајден да изгледа дека зазема цврст став за трговските договори додека се бори за гласови. Поранешниот претседател Доналд Џеј Трамп, потенцијалниот републикански кандидат, се залагаше за протекционистичка трговска политика и предложи воведување царини од 10 отсто на целата стока што влегува во САД – борбен потег, кој неизбежно би ги принудил другите држави да возвратат. Трамп, исто така посочи дека ќе се повлече од партнерството на Америка со Европа, ќе ја повлече поддршката за Украина и ќе заземе поконфронтирачки став кон Кина.
– Исходот од изборите може да доведе до далекосежни промени во прашањата за внатрешната и надворешната политика, вклучувајќи и за климатските промени, регулативите и глобалните сојузи – заклучува консултантската компанија „И-уај партенон“ во неодамнешниот извештај!

Каква, всушност, се чини дека е глобалната економска перспектива за 2024 година?

Глобалната економска перспектива за 2024 година засега е измешана. Растот во повеќето делови на светот и понатаму е бавен, а десетици земји во развој се во опасност од неплаќање на нивните државни долгови. Позитивната страна е тоа што падот на инфлацијата ги поттикнува централните банкари да ги намалат каматните стапки или барем да го сопрат нивниот подем. Намалените трошоци за задолжување се генерално поттик за инвестиции и купување домови.
Додека светот продолжува да се расцепува во немирни сојузи и ривалски блокови, безбедносните грижи веројатно ќе бидат уште поголеми во економските одлуки отколку досега. Деновиве Соединетите Американски Држави соопштија дека ќе ја прошират воената коалиција за да ја осигурат безбедноста на бродовите што минуваат низ маршрутата низ теснецот на Црвено Море, преку која минува 12 отсто од глобалната трговија, а која беше силно загрозена од страна на група милитанти од Јемен. Тоа претставува најголемо пренасочување на светската трговија од војната во Украина во февруари 2022 година.
Сепак, неизвесноста има потиснат ефект врз економијата. Бизнисите имаат тенденција да усвојат став на чекање и да видиме кога станува збор за инвестиции, проширувања и вработувања.
– Континуираната нестабилност во геополитичките и геоекономските односи меѓу големите економии е најголемата грижа за главните директори за ризик и во јавниот и во приватниот сектор – покажа средногодишното истражување на Светскиот економски форум.
Со постојани воени конфликти, зголемени екстремни временски услови и значаен број големи избори што претстојат, веројатно е дека 2024 година ќе испорача уште повеќе од истите гореспоменати проблеми.