Подготвил: Mарјан Велевски

Во Канада повторно се разгореа пожари во главниот град на западната провинција Алберта, Едмонтон и во Квебек на истокот на земјата. Пожарникарите изгаснаа некои од најголемите пожари, дозволувајќи им на илјадници евакуирани да се вратат дома.

Според последните податоци, околу 4,8 милиони хектари територија се погодени од пожари во Канада, објави „Ројтерс“. Во Канада се активни околу 450 пожари, вклучувајќи и 219, кои се надвор од контрола, соопшти канадскиот меѓуагенциски центар за шумски пожари.

Во источната провинција Квебек, бројот на пожари се намали на околу 110 од речиси 150 минатата недела.

Речиси 5.000 пожарникари се распоредени во Алберта, Нова Шкотска и во Квебек, изјави канадската министерка за одбрана Анита Ананд.

Според процените на канадскиот информативен систем за пожари „Вајлдленд“, пожарите се распространети во речиси сите канадски провинции и територии, а претставници на федералната влада рекоа дека нивните проекции покажуваат зголемен ризик од шумски пожари во поголемиот дел од Канада до август. Шумските пожари, кои се втората најскапа катастрофа во Канада по поплавите, уништија домови, влијаеја на производството на нафта и гас во Алберта и го загадија воздухот и во Канада и во САД. Пред неколку дена специјализираните агенции алармираа дека чадот од пожарите го преминал Атлантикот и стигнал до европскиот континент. На 23 мај почна да стигнува и до северна Европа. Како резултат на атмосферската циркулација со постојан антициклон над Велика Британија (движење на воздухот во насока на стрелките на часовникот), чадот се пресели над Норвешка, Данска и Шведска (патувајќи на растојание од повеќе од 6.000 километри).

Површината што секоја година гори од шумски пожари е повеќе од двојно зголемена од 1970-тите. Се предвидува дека до 2100 година опожарената површина би можела повторно да се удвои.