Фото: Твитер/Олаф Шолц

Европската Унија благодарение на француско-германската соработка покажа изненадувачка солидарност за време на војната во Украина, но за ваквото единство да издржи, особено кога оружениот судер влегува во поопасна фаза, Париз и Берлин треба да ги решат меѓусебните несогласувања, пишува „Фајненшл тајмс“.

Со постојаното истакнување дека француско-германскиот мотор ја движи ЕУ, двете најголеми економии на европскиот блок честопати се во расчекор. Но, тие покажаа капацитет за здружување за клучните прашања. Чекорот напред беше забележан и при усвојување на фондот за закрепнување од пандемијата вреден 750 милијарди евра во 2020 година. Способноста за изнаоѓање компромиси што ги надминува националните интереси сега се чини истрошена.

Новоизбраните лидери на двете држави Емануел Макрон и Олаф Шолц исто така имаат тенденции за истражување на нови начини на работа и на нови „констелации“ во Европа. Шолц се залага за проширување на ЕУ кон Западен Балкан и Украина, што повторно предизвика загриженост во Париз, колку и да делува далечно. Париз има различни идеи од насоченоста на Берлин кон истокот, што би можело да го подрие француско-германското сојузништво.

Заладените односи помеѓу Макрон и Шолц водат кон нелагоден ручек

Германија се противи и на ограничувањето на цените на гасот на ниво на ЕУ што Франција го поддржа, иако не беше добро осмислен предлог. Згора, Париз и дел од другите европски центри го гледаат планот на Берлин од 200 милијарди евра за заштита на бизнисите и домаќинствата како знак за „ставање на Германија на прво место“ што може да го наруши заедничкиот пазар. Франција сака Германија да поддржи поширок план за заштита на европските економии, сличен на фондот за закрепнување од пандемијата.

Франција е незадоволна и оти Германија троши дел од дополнителниот одбранбенен буџет од 100 милијарди евра на американски борбени авиони Ф-35, наместо да купува европско оружје, со што би ја поддржала одбранбената индустрија на Стариот Континент. Берлин, пак, изрази незадоволство од противењето на Франција за гасовот што би ја поврзал Шпанија со Северна Европа.

И покрај разликите во стилот помеѓу прагматичниот германски канцелар Олаф Шолц и идеалистичкиот француски претседател Емануел Макрон има надеж за наоѓање заеднички јазик. Извесно е дека е потребно реобмислување за начинот на кој функционира Европа. Но, потребно е француско-германскиот мотор да биде потполно функционален додека Европа се подготвува за соочување со еден од најтешките предизвици од избивањето на војната во Украина, заклучува „Фајненшл тајмс“.