Фото: Принтскрин

По разговорите во Доха на кои присуствуваа шефовите на израелските разузнавачки служби, пратеникот на Трамп за Блискиот Исток, претставник на администрацијата на Бајден и премиерот на Катар, беше изготвен документ и понуден на потпис на Израел и Хамас, објави белградска Политика.

Катар, кој е еден од посредниците во преговорите за прекин на огнот во Газа, им предал на Израел и на палестинската милитантна група Хамас „конечен“ нацрт на договорот за прекин на огнот и за ослободување на заложниците, дизајниран да стави крај на војната во Газа, изјави за Ал Џезира неименуван катарски функционер. Тој прецизираше дека е постигнат напредок во преговорите во главниот град на Катар, Доха, по разговорите во кои учествуваа шефовите на израелските тајни служби, Мосад и Шин Бет, американскиот пратеник на новиот американски претседател за Блискиот исток, Стив Виткоф и претставник на Бајденовата  администрација во заминување, Брет Мекгурк и катарскиот премиер Шеик Мохамед бин Абдулрахман ал Тани.

Американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата за напорите да се постигне прекин на огнот во Појасот Газа и ослободувањето на заложниците, соопшти Белата куќа. Во соопштението се наведува дека Бајден во телефонски разговор ја истакнал итната потреба од прекин на огнот во Газа.

Вчера, американски официјален претставник изјави дека „следните 24 часа ќе бидат клучни за постигнување договор“.

Израелското радио Кан, повикувајќи се на израелски официјален претставник, рече дека иако двете страни не потврдиле дека е постигнат конечниот нацрт, тие го опишаа напредокот во разговорите.

Висок израелски функционер изјави, како што пренесува Ројтерс, дека договорот би можел да биде потпишан во рок од неколку дена доколку Хамас одговори на предлогот. Палестински функционер близок до разговорите рече дека информациите од Доха се „многу ветувачки“, додавајќи: „Причините за продолжување на војната се намалуваат и постои голем притисок да се постигне договор доколку сè биде добро до крајот“.

Соединетите Американски Држави, Катар и Египет работат повеќе од една година на преговори за завршување на војната во Газа, но досега тоа беше неуспешно. Израел и Хамас во голема мера се согласија со месеци за принципот на прекин на борбите во замена за ослободување на заложниците кои ги држеше Хамас и палестинските затвореници кои ги држеше Израел. Сепак, Хамас секогаш инсистираше на тоа дека договорот мора да доведе до траен прекин на војната и повлекување на Израел од Газа, додека Израел постојано повторуваше дека војната нема да заврши додека Хамас не се разбие.