Западна мобилизација за производство на оружје

Европската Унија (ЕУ) отвора нов терен со амбициозен план заеднички да ја набави итно потребната муниција за Украина и да ги зајакне европските одбранбени индустрии, анализира Пол Тејлор за „Политико“, истакнувајќи повеќе аргументи за тоа како е во тек „западната мобилизација за производство на оружје и муниција“.
Со оглед на тоа што Украина троши муниција побрзо отколку што можат да произведат сите фабрики за оружје во западниот свет, проширувањето на производствениот капацитет, кој беше намален во изминатите 30 години, сега стана главен приоритет на ЕУ. Унијата се согласи да потроши една милијарда евра за трансфер на повеќе од постојните резерви на муниција на нејзините членки за Киев и уште една милијарда заедничка нарачка од европската индустрија, од најчесто користените 155-милиметарски стандардни артилериски гранати за НАТО. Осумнаесет земји, вклучувајќи ја и Норвешка, која не е членка на ЕУ, се согласија да ги здружат своите нарачки преку ЕУ, според планот да испратат еден милион парчиња муниција во Украина, оваа 2023 година. Германија, во која се наоѓа еден од трите најголеми европски производители на муниција, „Рајнметал“, се приклучи кон планот за колективно купување и индустриско проширување по извесно двоумење, но, исто така, со полна брзина напредува со националните набавки на оружје и ги поканува европските партнери да се приклучат на неговата рамка за набавки.

Формирана нова Заедничка работна група за одбранбени набавки на ЕУ

Европскиот комесар за одбранбена индустрија Тиери Бретон неодамна ги посети производителите на муниција и експлозиви во Централна Европа. Неговата порака беше „ЕУ да премине во воена економија“! Европската комисија призна дека можеби нема да може да ѝ ги задоволи потребите на Украина. За да одговори на оваа загриженост, новата Заедничка работна група за одбранбени набавки на ЕУ го мапираше производствениот капацитет во ЕУ-блокот од 27 земји, идентификувајќи 15 производители во 11 земји, кои произведуваат различни видови муниција што ги користи Украина.
Еден ран предизвик ќе биде обидот да се усогласат воените барања за да одговараат нарачките на гранати со опсегот на артилериски парчиња и тенкови што се доставуваат до Украина, бидејќи не сите гранати од 155 милиметри се исти. Потоа, постои комплексен синџир на снабдување, кој веќе е оптоварен од глобалната побарувачка за суровини. Споменатата работна група веќе ги идентификуваше клучните тесни грла што ќе треба да се надминат, особено во набавката на експлозиви.
Треба да се земе предвид фактот дека британскиот „БАЕ системс“, кој е секако еден од врвните европски производители на муниција (заедно со францускиот „Некстер“), всушност е исклучен од програмата на ЕУ поради брегзит. Иако има договори со британската влада за зголемување на производството за снабдување на Украина, нема да има корист од заедничките нарачки на ЕУ.

Европскиот мировен фонд (ЕПФ) е вонбуџетски фонд на ЕУ дополнет до 5,9 милијарди евра за финансирање на испораките на оружје за Украина

Според планот на ЕУ, националните нарачки ќе бидат делумно рефундирани од Европскиот мировен фонд (ЕПФ), вонбуџетски фонд што до 2027 година е дополнет до 5,9 милијарди евра за делумно финансирање на испораките на оружје за Киев. Но, според аналитичарите, можеби политички најчувствителниот момент во врска со тоа е прашањето кој ќе раководи со заедничките набавки, ЕУ или некоја друга водечка нација.
Според стратегијата изнесена од европскиот комесар за одбранбена индустрија Тиери Бретон, заедно со високиот претставник за надворешна политика и одбрана Жозеп Борел, Европската агенција за одбрана (ЕДА) ќе служи како „клириншка куќа и договорна агенција за проектот“.
Но аналитичарите тврдат дека споменатото „мало меѓувладино тело, кое беше создадено во 2004 година за да ја промовира одбранбената интеграција меѓу земјите-членки“, има мал капацитет за управување со вакви сложени договори.
Главниот извршен директор на Европската агенција за одбрана ЕДА, Јиржи Шедиви, во едно интервју призна дека управувањето со толку големо колективно купување навистина би бил нов терен за него. Но тој исто така рече дека координативната улога на организацијата ќе биде клучна. Европската агенција за одбрана (ЕДА) веќе има одредено искуство со набавка на муниција за противтенковско оружје „карл густаф“ за пет нации, како и сателитски комуникации и снимки за земјите-членки, но тоа не била нејзина главна активност. Главниот извршен директор на Европската агенција за одбрана, Јиржи Шедиви, истакна дека очекува да има и паралелни патеки, при што некои земји купуваат муниција преку ЕДА, а други ќе се приклучат кон договорите за набавки на водечката земја, а некои ги прават и двете. Сепак, тој двоен пристап ризикува да ги загуби економиите на обем и може да доведе до тендерска војна за оскудни ресурси меѓу ЕУ и нејзината најголема членка.

На компаниите производители на оружје и муниција ќе им треба сигурност дека владите ќе преземат повеќегодишна посветеност за значително зголемени набавки

И покрај сите планови на ЕУ за набавки на големи контингенти на оружје и муниција, наменската индустрија се жали дека „не се потпишуваат вистински долгорочни договори за да им овозможат да го прошират производството и покрај големите најави од политичарите“. Сепак, предлогот за седумгодишен инвестициски план за проширување на производството на муниција од среден до долг рок е најслабиот од трите чекори на планот, бидејќи зависи од идното финансирање од заедничкиот буџет на ЕУ или ЕПФ, кој не е ажуриран и може да биде предмет на долги преговори.
Јан Пи, главен извршен директор на Асоцијацијата за воздушна, безбедност и одбранбена индустрија на Европа, која ја советуваше Европската комисија, рече дека многу замки ќе треба да се надминат, а досега е лоша евиденцијата на европската соработка во вооружувањето.
На компаниите ќе им треба сигурност дека владите ќе преземат повеќегодишна посветеност на значително зголемени набавки со цел да го оправдаат деловниот случај за проширување на производствените капацитети. Ако ЕУ сака да добие кредибилитет како одбранбен актер, тогаш планот треба подобро да функционира. Но раните знаци не се охрабрувачки.