Нобеловата награда за хемија денеска им беше доделена на научниците Каролин Бертоци, Бери Шарплес и Мортен Мелдал „за развој на клик хемијата и биоортогонална хемија“, соопшти Кралската шведска академија.
Шарплес (81), американски научник од Институтот Скрипс, по вторпат е награден со престижната награда. Американскиот научник е петтиот човек кој двапати ја добил Нобеловата награда.
Шарплес и Мелдал, дански научник од Универзитетот во Копенхаген, беа наградени за „воведување на хемијата во ерата на функционализмот и поставување на темелите на клик хемијата“, се наведува во соопштението.
Американската научничка Бертоци од Универзитетот Стенфорд, како што се наведува, вовела нова димензија на клик хемијата и почнала да ја користи за мапирање на клетките.
„Нејзините биоортогонални реакции сега придонесуваат за третмани за рак, меѓу многуте други примени“, истакнува Шведската кралска академија.