Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека дипломатијата не успеала да го спречи Техеран да развие нуклеарни капацитети и дека неговата земја ќе направи се што е потребно за да се одбрани од Иран.
Нетанјаху во интервју за Скај њуз ги отфрли напорите на САД за решавање на кризата само преку дијалог.
-Не мислам дека дипломатијата сама ќе успее. Може да успее само ако се комбинира со веродостојна воена закана или волја за спроведување на воената опција доколку заплашувањето не успее – рече израелскиот лидер.
Тој предупреди дека „Иран е отворено посветен на уништување, повторување на холокаустот и уништување на шест или седум милиони израелски Евреи“ и дека нема да седи со скрстени раце и да ги остави Иранците да го направат тоа.
-Ајатоласите мислат дека можат да ни се заканат со нуклеарен холокауст. Тие грешат. Ќе направиме се што е потребно за да се одбраниме – рече Нетанјаху.
Израелскиот премиер ги коментираше и шпекулациите за потенцијален мировен договор со Саудиска Арабија и рече дека земјата е од витално значење и дека постојат „големи можности за унапредување на мирот во регионот“.
-Мислам дека тоа би ја променило историјата – рече Нетанјаху, објаснувајќи дека Саудиска Арабија не е само највлијателната арапска земја во арапскиот, туку и во муслиманскиот свет, а мирот со неа ќе придонесе за крајот на израелско-арапскиот конфликт и да помогне во решавањето на израелско-палестинскиот конфликт.
Нетанјаху зборуваше и за демонстрациите против судските реформи во Израел предложени од неговата влада и за преговорите за компромис и притоа рече дека не е сигурен дека ќе има компромис.