Историјата на судирите во Украина и главниот белег на актуелниот конфликт:

Историографијата сведочи дека токму украинскиот регион бил честопати на работ на крвави заплети. Нешто слично се рециклира и денес, и е плод на долгогодишно наизменично изменување на тензии и релаксации, без конкретна и ефикасна завршница. Се чини дека една од најдобрите дефиниции на ова што се случува во Источна Украина, во регионот Донбас, ја даде колумнистот на „Дојче веле“, Роман Гончаренко: „Ова е повеќе од пресвртница, ова е раскинување со статус кво состојбата. Со признавање на источноукраинските сепаратистички подрачја Донецк и Луганск, а пред сѐ со испраќањето трупи во овие региони, Русија во понеделникот подвлече линија под речиси осумгодишната историја од нивното постоење во сивата зона: формално припаѓаа на Украина, а во реалноста со нив владееше Москва“.
Интересна за обележување е и формулацијата на белградскиот новинар и дипломат Драган Бисениќ. Зборувајќи за стратегиското значење на Украина, тој вели дека меѓу Западот и Русија нема идеолошки, туку геополитички спор.
„Украина е, да речеме, територијата и просторот преку кои напаѓачите дојдоа во Русија. Тоа е историски таков простор. Од таму тргна Хитлер, од таму сите се обидоа да стигнат до Москва. Украина ги контролира односите меѓу Русија и Европа. Затоа е битна Украина за Русија, но Украина, која нема да биде антируска“, објасни Драган Бисениќ.

Од кога датираат историските поделби

Регионот Донбас, кон кој се свртени очите на целокупната светска јавност, одеднаш се најде во фокусот на интересирањето. Станува збор за регион во Источна Украина, но она што не треба да се испушти од вид е дека низ историјата Русија и Украина се толку испреплетени што е многу тешко да се каже дека една за друга се странски земји. Историчарите веднаш ќе ви укажат дека руската историја започнала во она што се нарекуваше Киевска Рус. Оттаму се рашири руската религија. Украина со векови е дел од Русија, а нивните истории биле испреплетени пред тоа. Некои од најважните битки за руската слобода, почнувајќи со битката кај Полтава во 1709 година, се воделе на украинска почва. Црноморската флота – средството на Русија за проектирање на моќта во Медитеранот – е засновано со долготраен закуп во Севастопол, на Крим.
Историски, Украина станува проблем кога ќе прифати да биде дел од проектот „Антирусија“. Овој проект датира од 17 односно 18 век, ерата на литванско-полското кнежевство, кое сака да создаде бариера меѓу Европа и Русија. Станува збор за проект наречен „Меѓуморје“, кој, пак, се надоврзува на претходниот „Проект Прометеј“ и неговата цел е да се подигнат националностите во Русија против Москва и против централната власт.
Подоцна речиси целата територија на денешна Украина била управувана од Руската Империја, а источниот дел на Украина поминал низ различни историски фази и до создавањето на Советскиот Сојуз и Украина како федерална единица во 1922 година, областа била русифицирана, етничка и политичка целина. Од тогаш, па сѐ додека траеше Советскиот Сојуз, до 1991 година, со формирањето независна Украина, постои уште еден процес, процесот на украинизација.
Регионот Донбас во источна Украина пред војната беше познат како индустриски центар, со рударство и капацитет за производство на челик, како и големи резерви на јаглен. Од последиците од руската интервенција во 2014 година, регионот е поделен на посебни територии под различна контрола: деловите на Донецката и Луганската Област контролирани од Киев и републиките на Донецк и Луганск поддржани од Русија, познати како ДПР и ЛПР. Кризата ескалира, а проруските области во Донецк и Луганск одржаа референдум за прогласување независност од Украина. Во 2015 година, Русија и Украина се договорија за мировниот договор од Минск, план со посредство на Франција и Германија за ставање крај на конфликтот меѓу Киев и граѓаните поддржани од Русија во спорниот регион Донбас.

Мировниот договор од Минск

Во светло на актуелните случувања во и околу Украина, за обележување е изјавата на рускиот претседател Владимир Путин, кој рече дека мировниот договор од Минск за источна Украина бил прекршен уште пред да ја признае независноста на двата региона.
„Мировниот договор повеќе не постои“, рече тој. Тој додаде дека најдобрата одлука што може да ја донесе Украина е да се откаже од НАТО. Тој рече дека „Украина, вооружена до заби е неприфатлива“.
Но останува прашањето, зошто е толку важен мировниот договор за Украина? Сѐ почна кога во февруари 2014 година беше отстранет од власта во Киев Виктор Јанукович, претседателот пријателски расположен спрема Москва. Русија веднаш потоа ги поддржа акциите на проруското население во двата региона во Донбас, а подоцна го анектира Крим. Украина и Западот ја обвинија Русија дека ги поддржува бунтовниците со трупи и оружје, а Москва ги отфрли тие наводи велејќи дека оние Руси што се борат на истокот од земјата биле доброволци.
Во јуни 2014 година, во Нормандија, Франција, почнаа мировните разговори меѓу Русија и Украина, што подоцна станаа познати како Нормандиски формат. По големиот пораз на украинските војски во август 2014 г., претставниците на Киев и на проруските сили во септември 2014 потпишаа договор за примирје во Минск. Тој документ се нарекува Минск 1, требаше да го надгледува ОБСЕ и со него се предвидуваше повлекување на странските борци, размена на заробеници, амнестија на бунтовниците и ветување дека двата региона ќе добијат некој степен на самоуправување. Договорот брзо пропадна бидејќи борбите продолжија. Украинските трупи доживеаја уште еден тежок пораз во битката за Дебалцеве во јануари и февруари 2015 година. Франција и Германија веднаш почнаа потрага по нов мировен договор, кој беше потпишан на 15 февруари 2015 г. Тој договор се нарекува Минск 2 и сегашните преговори меѓу Киев и Москва се најмногу околу неговото спроведување. Повторно беше договорено да го надгледува ОБСЕ, повлекување на тешкото оружје од линијата на контактот и размена на затвореници.
Во основа, тоа беше голем дипломатски успех на Русија, затоа што според договорот, Украина гарантираше специјален статус на двата региона, дозволувајќи им да имаат свои полициски сили, да именуваат свои обвинители и судии. Потоа да има амнестија за проруското население, а Киев да се договори со тамошните лидери за одржување локални избори. Втората голема придобивка за Кремљ беше што документот не содржи никакви обврски за Русија, која тврдеше дека не е дел од конфликтот и дека тој е внатрешна работа на Украина.

Засега санкциите се „ударното“ оружје на Западот против Русија

По претходно објавените санкции (види графика), ЕУ објави нова листа санкции против Русија, кои стапија во сила веднаш. На листата на санкции се вклучени оние 351 член на рускиот парламент, кои гласаа за признавање на самопрогласените народни републики Луганск и Донецк. Казни има и за 27 други лица и организации. Дополнително, треба да се скрати пристапот на руската држава до финансиските пазари на ЕУ и да се ограничи трговијата на ЕУ со сепаратистичките региони. Според високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, засега не се воведени ЕУ-санкции против Путин лично.
Истовремено, американската влада објави санкции против две големи руски банки, против тргувањето со руски државни обврзници и против поддржувачи на Путин и нивните семејства. Претседателот Бајден истакна дека САД се подготвени за уште поостри казнени мерки доколку Русија продолжи со репресија врз Украина. Велика Британија и Канада исто така објавија санкции против Русија. Германската влада засега го запре гасоводот „Северен тек 2“ на Балтичко Море.
Американците, исто така, објавија дека планираните дипломатски разговори на високо ниво со руската влада засега се замрзнати. Министерот за надворешни работи Ентони Блинкен рече дека со оглед на активностите на Москва, нема смисла денеска да се одржат разговорите со неговиот колега Сергеј Лавров. Во изминатите неколку дена се зборуваше и за лична средба на американскиот претседател Џо Бајден и шефот на Кремљ, Владимир Путин. Средбата на Блинкен и Лавров требаше да послужи како подготовка. Директната средба меѓу Бајден и Путин сега веќе не е на дневен ред, објасни портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки. Сега, кога Путин продолжува со инвазија на суверена земја, не е вистински момент за таква средба, рече таа.


Нов закон за огнено оружје и масовна мобилизација во Украина

Украинскиот парламент го изгласа законот со кој на Украинците им се дозволува да носат огнено оружје и да реагираат во самоодбрана. Наедно, Украина вчера почна да регрутира припадници на резервните одбранбени сили на возраст меѓу 18 и 60 години, по указ на претседателот Вoлодомир Зеленски.