Фото: Веб-страница на украинскиот претседател

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „Асошиејтед прес“ изјави дека војната со Русија е во нова фаза, а се очекува зимата да ги комплицира борбите, по летната контраофанзива што не ги доби посакуваните резултати. Сепак, тој рече дека Украина нема да се откаже.

– Имаме нова фаза од војната и тоа е факт. Зимата како целина е нова фаза од војната рече Зеленски во интервју за „Асошиејтед прес“ во Харков, североисточна Украина.

Тој беше запрашан и дали е задоволен од резултатите на контраофанзивата.

– Видете, не се откажуваме, јас сум задоволен. Се бориме со втората најдобра војска во светот. Не го добивме целото оружје што го сакавме, не можам да бидам задоволен, но не можам премногу да се жалам – рече Зеленски.

Тој доде дека стравува оти војната помеѓу Израел и Хамас се заканува да го засени конфликтот во Украина бидејќи „го загрозува протокот на западна воена помош за Киев“.

– Украина не го доби целото потребно оружје од сојузниците. Веќе можеме да ги видиме последиците од пренасочувањето на вниманието на меѓународната заедница поради трагедијата на Блискиот Исток. Само слепите не го гледаат тоа. Не смееме да дозволиме Западот да заборави на војната – нагласи украинскиот претседател.

Таа промена на фокусот може да доведе до помала економска и воена помош за неговата земја, според Зеленски.

Во обид да ги смират тие стравови, американските и европските претставници продолжија да го посетуваат Киев по нападите во Израел на 7 октомври.

Неодамнешната анкета на АП во САД покажа дека речиси половина од Американците мислат дека се троши премногу за Украина. Сè поголем број републиканци не се за испраќање поголема помош и не е јасно дали и кога барањето на Белата куќа за поголема помош ќе биде одобрено од Конгресот, пренесува медиумот.

На прашањето за ова, Зеленски тврди дека Американците, помагајќи ѝ на Украина, си помагаат и самите себеси.

– Во случајот со Украина, ако отпорноста пропадне денес поради недостиг на помош, оружје и финансиски средства, тоа ќе значи дека Русија, најверојатно, ќе ги нападне земјите на НАТО. И тогаш децата на Америка ќе се борат – истакна Зеленски.