Министерството за надворешни работи на Кина повтори дека тајванското прашање е суштински различно од прашањето за Украина, дека Тајван е неотуѓив дел од кинеската територија и дека тајванското прашање е чисто внатрешно прашање на Кина, што не дозволува никакво страно мешање. Ова го изјави портпаролот на министерството, Ванг Венбин, на редовната прес-конференција во понеделникот, кога од него беше побарано да ги коментира изјавите на украинскиот претседател Владимир Зеленски на форумот за безбедност во Азија, „Шангри-Ла дијалог“, пренесува Меѓународното кинеско радио.
Индија планира драстично да го промени начинот на регрутирање војници за својата армија. Шемата за регрутација ја соопшти министерот за одбрана Рајнат Синг, појаснувајќи дека војниците ќе бидат регрутирани за период од по четири години, а четвртина од нив по отслужувањето на воениот рок ќе бидат воведени во активна служба.
Мерката, која има цел подмладување на армискиот персонал, како и подобрување на квалитетот на ангажираните трупи, ќе почне наредните три месеци, а ќе се регрутираат млади лица на возраст меѓу 17 и пол и 21 година. Во согласност со плановите, оваа година на тој начин ќе бидат регрутирани околу 46 илјади млади војници.
Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, изјави дека актуелниот американски претседател Џо Бајден ќе се кандидира за втор мандат.
– Она што можам да го кажам е дека претседателот во неколку наврати кажа дека планира да се кандидира во 2024 година и тука морам да застанам – изјави портпаролката на Белата куќа.
Поранешниот главен советник на Барак Обама, Дејвид Акслерод, изјави за „Њујорк тајмс“ дека возраста може да биде најголемата пречка за Бајден да се кандидира повторно. Бајден, кој е роден 1942 година, во следната трка за претседател може да оди на 82 години.