Фото: Фејсбук/Џо Бајден

Конгресна комисија соопшти дека ќе истражи зошто документите означени како доверливи биле пронајдени во поранешната приватна канцеларија на американскиот претседател Џо Бајден во невладина организација во Вашингтон.

Новиот републикански претседател на Комитетот за надзор на владини агенции Џејмс Комер изјави дека телото е „загрижено што претседателот Бајден компромитирал разузнавачки извори“.

Документите, откриени во „Пен Бајден Центарот“ во Вашингтон, наводно содржат извештаи за странски земји, а американското Министерство за правда моментално го разгледува предметот.

Комер побара од Белата куќа да ги предаде своите документи и комуникации поврзани со доверливи материјали, како и список на луѓе кои имале пристап до тој канцелариски простор, до 24 јануари.

Претседателот на САД изјави дека не е запознат со содржината на доверливите документи од времето кога тој беше потпретседател, пронајдени во една од канцелариите што во меѓувреме ги користел.

– Бев информиран за откритието и бев изненаден кога дознав дека владините документи се однесени во оваа канцеларија. Но, не знам што има во документите – изјави американскиот претседател на прес-конференција по средбата со мексиканскиот претседател и канадскиот премиер во Мексико Сити.

Бајден додаде дека неговите адвокати „целосно ќе соработуваат“.

Бајден имаше канцеларија во центарот од кога ја напушти потпретседателската функција во 2017 година до започнувањето на неговата претседателска кампања во 2019 година.