Не видовме никакви индикации дека белоруски трупи или сили се преселиле во Украина, изјави портпаролот Пентагон Џон Кирби, пренесува Би-би-си.

– Не гледаме некакво скорешно учество на белоруските сили. Тоа не значи дека не може да се случи или дека нема да се случи – појасни Кирби.

Украина рече дека стравува дека Белорусија би можела да ѝ се приклучи на Русија во следните часови – и ја обвини Русија за бомбардирање на белоруско село за да се обиде да ја испровоцира Белорусија да се вклучи.

Би-би-си информира дека тврдењето не може да го потврди од независни извори.

Според официјалната белоруска новинска агенција Белта, Белорусија и Русија денеска се договориле Москва наскоро да го снабдува својот сојузник со најсовремена воена опрема.