Портпаролката на кинеското МНР, Мао Нин, ги осуди тврдењата од САД/Фото: ЕПА

Портпаролката на Министерство за надворешни работи на Народна Република Кина, Мао Нин, ги критикуваше тврдењата од Соединетите Американски Држави дека кинескиот лук претставува „голема закана“ за безбедноста на храната во Америка, истакнувајќи дека таквите изјави се исмејувани од кинеските жители.

– Лукот веројатно никогаш не ни замислил дека може да претставува голема закана за САД. Сакам да нагласам дека генерализирањето на концептот за национална безбедност и политизирањето на економските, трговските и технолошките прашања само ќе ги зголеми безбедносните ризици за глобалните синџири за снабдување и на крајот ќе им наштети на другите и нас самите – истакна портпаролката Мао Нин.

Таа наведе дека постои растечки тренд во САД за означување на кинеските производи како „ризици за националната безбедност“, вклучувајќи најразлични производи, од дронови и кранови до фрижидери и лук, додека ниту една од причините наведени од американските политичари за ваквите тврдења не е оправдана.

Портпаролката Мао Нин нагласи и дека на сите им е јасно оти таквите акции се само изговор за САД да продолжат со протекционизам и со злоупотреба на државната моќ за да го потиснат и ограничат развојот на Кина, како и за да вршат притисок за раздвојување и прекинување на индустриските и синџирите на снабдување.

Кинеското МНР истовремено ги повика американските политичари да користат повеќе „здрав разум“ откако американскиот сенатор Рик Скот повика на истрага за увозот на кинески лук во САД, наведувајќи ја грижата за безбедноста на храната како повод.

– Исто така, сакам да советувам некои американски политичари да покажат повеќе здрав разум и рационалност за да избегнат потсмев – порача категорично гласноговорничката на кинеското МНР.

САД ја сметаат Кина за најголем странски снабдувач на лук, со испорачани количества во вредност од милиони долари годишно низ Пацификот. Н.М.