Полувести наспроти целосни вести од Вилнус, Литванија, каде што започна самитот на Северноатлантската алијанса

Подготвил: Mарјан Велевски

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во понеделникот, пред самитот на НАТО во Вилнус, на својот профил на социјалната платформа Твитер напиша дека „турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се согласи да ја проследи кандидатурата на Шведска за приклучување кон воената алијанса на НАТО до парламентот“, а ваквата полувест набрзина ја пренесоа поголемиот број светски медиуми, вклучувајќи ги и оние во Македонија. Изненадувачки, само мал број од медиумите, и покрај тоа што повеќето се декларираат како „професионални медиуми“, ја пренесоа комплетната, интегрална информација поврзана со овој случај.

Имено, турскиот претседател Ердоган имаше многу јасна и конкретна изјава, која дава малку поинакво светло на она што го кажа Столтенберг. Тој рече дека Европската Унија треба да го отвори патот за пристапување на Анкара во блокот пред турскиот парламент да ја одобри кандидатурата на Шведска за приклучување кон воената алијанса НАТО. Обидот на Турција за влез во ЕУ беше замрзнат со години по започнувањето на преговорите за членство во 2005 година во првиот мандат на Ердоган како премиер.

– Ги повикувам оттука овие земји, кои ја тераат Турција да чека пред вратата на Европската Унија повеќе од 50 години. Прво, дојдете и отворете го патот за Турција во Европската Унија, а потоа ќе го отвориме патот за Шведска, исто како што направивме за Финска – рече турскиот претседател, додавајќи дека ќе го повтори својот повик за време на самитот.

Како што е познато, минатата година Шведска и Финска поднесоа барање за членство во НАТО, напуштајќи ја својата долгогодишна политика на воено неврзување. За нивен прием, сите членки на НАТО мора да ги одобрат апликациите за членство. Во март, Турција го ратификува договорот за пристапување на Финска во Алијансата, но не и за Шведска, тврдејќи дека во оваа скандинавска земја се сместени членови на милитантни групи (особено членови на Работничката партија на Курдистан – ПКК), кои Анкара ги смета за терористи.

Во преден план Украина и Шведска

Лидерите на земјите-членки на НАТО се собраа во литванската престолнина Вилнус каде што вчера и денес треба да разговараат за многу теми, меѓу кои доминира приемот на Шведска и напорите на Украина да стане членка на најголемата воена организација.

Иако самитите на НАТО се одржуваат секоја втора година, ова е четврти собир од ваков вид во последните 18 месеци, односно од почетокот на војната во Украина, која започна на 24 февруари минатата година. Еден самит веќе се одржа буквално ден по почетокот на војната во Украина, по што следуваа средби во Брисел и Мадрид.

Членство на Украина во НАТО ќе биде клучната тема на дводневниот самит, бидејќи лидерите на 31 земја-членка на Алијансата ќе разговараат за тоа како ќе ги дефинираат идните односи со Украина, во светло на апелот на претседателот на оваа земја, Володимир Зеленски, да добие покана за членство во Алијансата.
За време на самитот не се очекува да биде издадена покана за членство на Украина, што во процедурите на Алијансата претставува прв чекор кон полноправно членство. Тоа веќе го потврди и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој веќе потврди дека Украина нема да стане членка сѐ додека трае војната во таа земја. Сепак, се очекува да има несогласувања околу формулацијата во завршниот документ, односно како ќе се пристапи кон овој проблем.

Источноевропските земји сметаат дека на Украина треба да ѝ се понуди патоказ. Западните земји, вклучувајќи ги и Соединетите Американски Држави и Германија, се повнимателни во врска со потегот што на крајот може да ја доближи Алијансата до војна со Русија.

Покрај ова, на состанокот се очекува, меѓу другото, лидерите да ги разгледаат првите одбранбени планови на Алијансата, изготвени од членките за првпат по Студената војна, со детали како НАТО ќе одговори на евентуален руски напад. Заживувањето на таканаречените регионални планови означува суштинска промена. Заедно со плановите, Алијансата им дава на нациите насоки како да ги подобрат своите сили и логистика.

Наедно, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, најави дека има цел да ги постави сегашните воени трошоци на НАТО од 2 отсто од националниот БДП како минимум, а не цел кон која треба да се стреми.


Ковачевски од Самитот на НАТО: Ги јакнеме инвестициите во
колективната одбрана за засилена безбедност на нашите граѓани

Претседателот на македонската влада, Димитар Ковачевски, пред официјалниот почеток на Самитот на НАТО во Вилнус, изјави дека на овој самит сите сојузници се исправени пред носење многу важни одлуки, со што ќе покажат единство во однос на тековните и идните предизвици.

– Ова е исклучително важен состанок, доаѓа во многу важен момент, во момент кога практично се води војна во Украина. Состанокот доаѓа по самитот во Мадрид на кој имаше многу работа којашто ја работеа министрите за одбрана, министрите за надворешни работи и секако претставниците во постојаното седиште на НАТО. Ќе бидат донесени неколку многу важни заклучоци. Прво, ќе бидат донесени одлуки во однос на регионалните аспекти на одбраната на НАТО-земјите, и тоа вода, копно и воздух, секако и за аспектите на сајбер-одбраната и одбраната од хибридни напади – рече меѓу другото Ковачевски.

Во рамките на самитот на НАТО, предвидени се билатерални средби на Ковачевски со водачи на делегации, како и одделни состаноци со индопацифичките држави, со кои ќе се разговара за глобалните аспекти на безбедноста и одбраната.