Шеесет и осум тела на загинати се извлечени во Непал по урнувањето на патничкиот авион во градот Похара, соопштија аеродромските власти.
Полицијата соопшти дека досега не пронашла преживеани откако авионот на „Јети ерлајнс“ се урна неколку минути пред слетувањето на аеродромот во Похара. Во него имало 68 патници и четворица членови на екипажот.
Авионот, кој летал од главниот град Катманду кон Похара, изгубил контрола и паднал во клисура.
Стотици спасувачи го пребаруваат ридот каде што се урна двомоторниот авион. Портпаролот на непалската управа за цивилно воздухопловство изјави дека временските услови биле добри во моментот на несреќата.
Денешната несреќа е најтешката несреќа во Непал од 2018 година, кога авион на американската „Бангла ерлајнс“ се урна при слетувањето на меѓународниот аеродром во Катманду. Тогаш загинаа 51 од 71 патник во авионот.
Авионските несреќи не се невообичаени во Непал, каде се наоѓаат осум од 14-те највисоки планински врвови во светот, вклучувајќи го Еверест. Времето во земјата може нагло да се промени и да создаде опасна ситуација. Најмалку 309 луѓе загинаа во авионски и хеликоптерски несреќи во Непал од 2000 година.
На непалските авиокомпании им е забрането да летаат во воздушниот простор на Европската унија од 2013 година поради безбедносни причини.