Aмерикански официјални лица за „Волстрит џурнал“ изјавија дека во последниве денови, специјализираните воено-разузнавачки служби на САД забележале движење на ракетни системи во Иран, што укажува на подготвеност за потенцијален напад

Центарот за истражување „Алма“: Војната меѓу Иран и Израел ќе почне со лансирање балистички и крстосувачки ракети во комбинација со беспилотни летала

Потенцијалниот напад на Иран врз Израел се очекува да вклучи балистички и крстосувачки ракети покрај беспилотните летала лансирани од западен Иран, се вели во извештајот објавен претходно оваа недела од центарот за истражување „Алма“.
Институтот наведе 12 можни локации за лансирање што би можеле да ги користат Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) и иранската војска во случај на напад, вклучувајќи ги Табриз, Керманшах, Хорамабад и Дезфул. Се очекува лансирањето да се врши преку мобилни ракетни системи, скоро алоцирани и прикриени во одредени отворени области, но истите лансирања ќе бидат комбинирани и синхронизирани со ракетни лансирања од подземни бази.
Aмерикански официјални лица за „Волстрит џурнал“ изјавија дека во последниве денови, специјализираните воено-разузнавачки служби на САД забележале движење на ракетни системи во Иран, што укажува на подготвеност за потенцијален напад.
Наедно во американските медиуми се потсетува и на сличноста на реакциите и активностите на Иран по што беше и извршен иранскиот напад врз Израел во април 2024 година. Имено, за потсетување, ноќта меѓу 13 и 14 април 2004 година, Иран го нападна Израел како одговор на убиството на командантот на ИРГЦ, Мохамед Реза Захеди, во напад во Сирија претходно во април. Тогаш, Иран упати околу 300 воздушни проектили кон Израел: крстосувачки ракети, балистички ракети и беспилотни летала, од кои, според Израел, 99 отсто биле соборени… Р.С.


Кој е центарот за истражување „Алма“ чии проекции за судирот се цитирани

Центарот за истражување и едукација „Алма“ е непрофитна и двопартиска организација со мисија да направи длабинско геополитичко знаење за Блискиот Исток достапно за англиското говорно подрачје. Покрај тоа што „Алма“ нуди теренски брифинзи од повеќе места за набљудување по должината на северната граница на Израел со Либан и Сирија, центарот обезбедува и предавања и работилници низ светот врз основа на секојдневно истражување и анализа на случувањата во граничните конфликти на Израел. Бидејќи целиот истражувачки тим на „Алма“ живее во северните погранични заедници на Израел, тој од прва рака ги комбинира професионалната експертиза и искуството со перспективата „од прво лице“ за да пренесе како конфликтот влијае врз животот во близината на границите на Израел.
Фокусот на работењето се однесува на променливата културна клима и актуелните трендови во муслиманските општества во светлината на другите настани во соседните земји на Израел, истовремено фокусирајќи се на тоа како сите тие влијаат на безбедносните предизвици на ИД по должината на нестабилната северна граница на Израел. Центарот „Алма“ е финансиран од приватни филантропи од целиот свет. Потполковничката Сарит Зехави, која веќе не е во активна служба, е основачка и претседателка на „Алма“. Сарит служеше 15 години во израелските одбранбени сили. Таа е специјализирана за воено разузнавање. Сарит е магистерка по блискоисточни студии на Универзитетот „Бен-Гурион“. Нејзините проекти доведоа до тоа да биде избрана од „Ерусалим пост“ како една од топ 50 највлијателни глобални еврејски личности за 2021 година.


Именуван наследник на убиениот политички лидер на Хамас, Исмаил Ханије

Јахја Синвар нов лидер на Хамас

Хамас го именуваше својот лидер во Појасот Газа, Јахја Синвар, за наследник на поранешниот политички лидер Исмаил Ханије, кој беше убиен во Техеран минатата недела.
– Движењето на исламскиот отпор Хамас го објавува изборот на командантот Јахја Синвар за шеф на политичкиот кабинет на движењето. Тој ќе го наследи маченикот командант Исмаил Ханије, Алах да го смилува – се вели во кусото соопштение на Хамас.
Новиот лидер на Хамас, Јахја Синвар, беше креаторот на блицкригот врз Израел, најуспешен за Хамас во последните неколку децении. Новиот лидер Синвар, според последните информации, се крие во Газа од израелските сили, кои го бараат и се обидуваат да го елиминираат од почетокот на војната. Веста за назначувањето на новиот лидер на Хамас беше проследена со низа ракетни лансирања од Газа од страна на Хамас, кои сè уште се борат со израелските сили во опколената енклава.

Кој е новиот лидер на Хамас, Јахја Синвар?

Јахја Синвар е роден во бегалски камп во градот Кан Јунис во јужниот дел на Газа. Сега има 61 година. За еден од раководителите на Хамас, Синвар беше избран во Газа во 2017 година, откако изгради репутација на итар и снаодлив оперативец и непопустлив непријател на Израел.
Синвар бил шеф на безбедносниот апарат Ал мајд. Тоа е контраразузнавачка формација што прибира оперативни информации, следи, документира, но и казнува и егзекутира Палестинци што се осомничени дека соработуваат со израелските безбедносни служби. Како раководител на оваа организација, Синвар беше уапсен и затворен од израелските власти.
Синвар, кој повеќе години помина во израелските затвори, сега е најмоќниот жив водач на Хамас по атентатот на Ханије.