Израелските одбранбени сили – ИДФ го потврдија нападот на Иран врз Израел, соопшти израелската агенција за следење дронови и рече дека ќе им требаат неколку часа да стигнат до Израел. Израелските воздухопловни сили ги следат дроновите и се подготвуваат за дополнителни бранови напади, кои може да вклучуваат и проектили.
Портпаролот на ИДФ, Даниел Хагари потврди дека десетици дронови лансирани од Иран се движат кон Израел. Тој вели дека израелските воздухопловни сили ги следат беспилотните летала.
Хагари вели дека ќе има прекини на ЏПС додека војската работи на пресретнување на беспилотните летала. Сирени за тревога ќе се огласат доколку дроновите влезат во воздушниот простор на Израел, додаде Хагари.
Од израелската армија рекоа дека се добро подготвени да се справат со иранскиот напад.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху свика состанок на воениот кабинет во воениот штаб Кирјат во Тел Авив, соопшти неговиот кабинет.
На фотографијата објавена од неговиот кабинет се гледа Нетанјаху како седи со министерот за одбрана Јоав Галант, министерот Бени Ганц, шефот на ИДФ Херзли Халеви, советникот за национална безбедност Цачи Ханегби и други високи функционери.
И медиумите поврзани со властите во Иран јавија дека Техеран лансирал трет бран дронови кон Израел. Корпусот на Исламската револуционерна гарда претходно издаде соопштение во кое потврдува дека почнал напад врз Израел, велејќи дека тоа е одговор на нападот на ИДФ врз конзуларниот комплекс во Дамаск, Сирија, во кој беа убиени неколку членови на ИРГЦ, вклучително и двајца генерали.
-Како одговор на бројните злосторства на ционистичкиот режим, вклучително и нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск, воздухопловните сили на ИРГЦ гаѓаа одредени позиции во окупираните територии со истрелување десетици проектили и беспилотни летала- се вели во соопштението.
Во меѓувреме, Ирак соопшти дека го затвора својот воздушен простор и го прекинува целиот воздушен сообраќај откако Иран изврши напад со дронови врз Израел.
– Воздушниот простор на Ирак е затворен и воздушниот сообраќај е запрен – изјави министерот за транспорт Разак ал-Садави за државната новинска агенција ИНА.
Управата за цивилно воздухопловство соопшти дека затворањето ќе трае од 23:30 часот до 5:30 часот по локално време.
Јордан, исто така, привремено го затвори својот воздушен простор за сите авиони кои пристигнуваат, заминуваат и транзитираат.
Ова го јави јорданската државна новинска агенција Ал-Мамлак додавајќи дека чекорот е преземен поради заканата од иранскиот напад врз Израел.