Во рации уапсени 25 десничарски екстремисти
Дваесет и пет десничарски екстремисти од таканареченото „Граѓанско движење на Рајхот“ се уапсени во Германија, изјави денеска портпаролот на федералното обвинителство, пренесе ДПА.
– Полицајците спроведуваат рации во 11 од 16-те сојузни покраини во Германија, како дел од големата операција против екстремистите – додаде портпаролот.
Членовите на движењето не го прифаќаат легитимитетот на германската држава. Тие често одбиваат да плаќаат даноци и собираат нелегално оружје.
Движењето е составено од помали групи со називи како „Конфедерација на германскиот Рајх“ или „Кралство Германија“.
Германската разузнавачка агенција проценува дека движењето има околу 21.000 приврзаници, пренесува ДПА.
Германскиот весник „Шпигел“, повикувајќи се на полициски извори, пренесува дека 25-те приведени лица, кои се осомничени дека дејствувале од позиици на десничарски екстремизам планирале државен удар, што би се извел до упад во Бундестагот.
Како што се наведува, специјалните полициски сили ја спровеле операцијата „Соко-сенкс“ истовремено во 11 од вкупно 16 сојузни држави.
Претресот е извршен во 130 куќи, канцеларии и други објекти.
Се нагласува дека планот на екстремистите бил да извршат вооружен напад врз парламентот и да ги држат во заложништво политичарите. Тие очекувале дека некои делови од безбедносните структури ќе се солидаризираат со нив, што ќе овозможи државен удар.
Обвинителството соопшти дека меѓу приведените е и една руска државјанка. Таа е осомничена дека посредувала меѓу лидерите на заговорот и претставници на Русија. Уапсените се осомничени дека се обиделе да воспостават врска со претставници на Русија, но не добиле поддршка, додаваат од Обвинителството.
Обвинителството истакна дека нема причина да се сомнева дека руските функционери ги поддржувале заговорниците. Руската амбасада во Германија соопшти дека не е информирана дека меѓу осомничените за планирање државен удар во Германија има и руски државјанин.
Осомничените планирале да формираат привремена воена влада и да водат преговори со голем број земји.
Во рамките на операцијата учествувале 3.000 припадници на безбедносните служби кои извршиле претреси на 137 објекти во сопственост на 52 осомничени, додека 25 од нив се уапсени, пренесува германски „Билд“.
„Билд“ објави дека мрежата е формирана околу принцот Хајнрих Осми, кој е класифициран како безбедносна закана за земјата и во моментов е во бегство, како и поранешната пратеничка на АФД и берлинска судијка Биргит М.В. Двајцата наводно сакаат да ја сменат сегашната влада.
Клопчето наводно почнало да се одмотува кога истражителите влегле во трага на тајна организација од Хесен, кога во август 2022 година до властите било пријавено постоење на тајна „антиуставна група“.