Фото: Пекселс

Новоизбраниот претседател на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон, рече дека финансирањето на Украина и Израел треба да се разгледува одвоено, навестувајќи дека нема да го поддржи пакетот помош од 106 милијарди долари на претседателот Џо Бајден за двете земји.

Во интервју за „Фокс њуз“ Џонсон рече дека вчера се сретнал со Бајден и му рекол на тимот на Белата куќа дека консензусот меѓу републиканците во Домот е дека овие прашања треба да се разделат.

Бајден сака Конгресот да обезбеди дополнително финансирање од 106 милијарди долари, при што најголемиот дел од парите ќе бидат наменети за зајакнување на одбраната на Украина, а остатокот да биде поделен меѓу Израел, индо-пацифичкиот регион и безбедноста на границите.

Џонсон рече дека неговата загриженост е поврзана со Украина.

– Сакаме да знаеме која е целта таму, која е крајната цел во Украина – рече тој.

Бајден смета дека вклучувањето пари за Израел и имиграцијата ќе помогне да се убедат републиканците во Претставничкиот дом, кои се претпазливи во однос на доделување дополнителни средства во Украина, да ја поддржат мерката.

Пакетот вклучува 14,3 милијарди долари за Израел за финансирање поддршка на воздушната и ракетната одбрана и други иницијативи, како и 61 милијарда долари за Украина.