Фото/Илустрација: Пиксабеј

Првите знаци на суша веќе ги погодија Франција, Шпанија и северна Италија, предизвикувајќи загриженост за снабдувањето со вода, објави Европската комисија.

– Поради екстремно сувата и топла зима, поголемиот дел од јужна и западна Европа е зафатен со аномалии кога станува збор за влажноста на почвата и обемот на вода во реките – соопшти Комисијата.

Водениот еквивалент на снегот на Алпите е далеку под историскиот просек и ќе предизвика сериозно намалување на количината на вода од топењето на снегот што се влева во реките, наведе Еврокомисијата, пренесува Хина.

Експертите се загрижени бидејќи тоа ги загрозува резервите на вода за земјоделството, производството на енергија и луѓето, според извештајот. Европа ја чека потопла од просечната пролет, а прогнозите за дожд се неизвесни, се вели во извештајот.

Европската комисија во извештајот советува внимателно да се следи нивото на водата и да се подготват планови за зачувување на водата бидејќи постои голем ризик сезоната да биде критична кога станува збор за водните ресурси.