Фото: ЕПА

Советот на ЕУ денеска додаде уште четворица поединци и две групи на листата на физички и правни лица опфатени со Глобалниот режим на санкции на Европската Унија поради кршење на човековите права.

Во соопштението на ЕУ се нагласува дека санкционираните се одговорни за „сериозни прекршувања на човековите права, вклучително и тортура и друго сурово, нехумано или понижувачко постапување или казнување и за повреда на правото на сопственост и на приватниот и семејниот живот на Палестинците на Западниот Брег“.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, станува збор за еврејската радикално десничарска расистичка група „Спречување на асимилацијата во Светата Земја“ (Лехава) – што во превод значи „пламен“ и за радикалната младинска организација „Младите од Ридот“ (Ноар Агваот), чии активисти се познати по своите насилни напади врз Палестинците и нивните имоти на Западниот Брег.

Меѓу санкционираните поединци се двајца од лидерите на Ноар Агваот, Меир Етингер и Елиша Јеред, обвинети за учество во напади врз Палестинци во 2015 и 2023 година, при кои имало и човечки жртви.

Другите двајца санкционирани се Нерија Бен Пази, обвинет за повеќекратни напади врз Палестинци во местата Вади Сек и Деир Џарир од 2021 година, како и за Јинон Леви, кој учествувал во повеќе насилни активности врз палестинските села во околината на еврејската доселеничка населба Митарим.

Со новите санкционирани, на листата на субјекти опфатени со Глобалниот режим на санкции на ЕУ поради кршење на човекови права сега се наоѓаат 108 физички и правни лица и 28 групи од повеќе земји.

На оние кои се предмет на санкции им е замрзнат имотот и на поединци и субјекти од ЕУ им е забрането да им доставуваат или ставаат на располагање средства или економски ресурси. Дополнително на санкционираните физички лица им е забранет влез во ЕУ.

Во заклучоците од Самитот на ЕУ одржан на 21 и 22 март се повикува на итен прекин на насилството на Западниот Брег и во Источен Ерусалим и се бара безбеден пристап до Светите места.

– Европскиот совет остро го осуди насилството на екстремистите меѓу (еврејските) доселеници, нагласувајќи дека сторителите мора да одговараат и повика на воведување релевантни целно насочени рестриктивни мерки. Европскиот совет, исто така, ги осуди плановите на израелската влада за понатамошно проширување на нелегалните населби на окупираниот Западен Брег и го повика Израел да ги повлече овие одлуки – беше наведено во заклучоците.