Еден американски и 64 украински војници денеска се ослободени при размена на заробеници меѓу Украина и Русија, соопшти кабинетот на украинскиот претседател.
– 64 војници на украинските вооружени сили кои се бореа во областите на Доњецк и Луганск…се вратија дома – напиша во Телеграм шефот на кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак и прецизира дека во оваа размена е ослободен и еден Американец – Суеди Мурекези.
Мурекези беше уапсен во јуни во источна Украина, по што на почетокот на август беше обвинет за „учество во проукраински и антируски демонстрации“ и „поттикнување расна омраза“ во Херсон на почетокот на конфликтот – пренесе ТАСС.
Според неговиот адвокат, тој на овие демонстрации завршил случајно, никогаш не учествувал во воени операции во регионот на Доњецк, а во Херсон работел во ноќен клуб.
За време на денешната размена, во Украина се вратени и телата на четворица загинати украински војници, дополни Андриј Јермак.