На Европа ѝ требаат повеќе фабрики и помалку зависност
За неколку дена, повеќе од 200 меѓународни извршни директори ќе пристигнат во Версај за да учествуваат на настанот насловен „Избери ја Франција“. Многу од нив ќе откријат инвестиции во стратегиски области. Од самиот почеток на овие настани во 2018 година, досега беа отворени илјадници работни места и стотици фабрики, со повеќе од 200 нови погони основани во Франција само во изминатите две години.
Посветени сме на враќање на француската индустрија и зајакнување на нашата економска моќ. Ова ќе ни овозможи да ги зајакнеме нашите јавни услуги и да инвестираме во нашата иднина. На национално ниво дејствуваме со непоколеблива решителност, со што во 2022 година, според истражувањето на Ернст и Јанг (една од најголемите мрежи за професионални услуги во светот – наша заб.), веќе четврта година бевме најатрактивна земја во Европа за странски инвестиции.
Меѓутоа, оваа битка за реиндустријализација очигледно мора да се води и на европски размери.
Откако станав претседател на Франција во 2017 година, постојано се залагам за идејата за европски суверенитет. На почетокот ова се гледаше како желба за размислување, а на моменти се сметаше како премногу француско. Меѓутоа, во текот на изминатите неколку години ЕУ мораше да се соочи со две клучни кризи. И поради пандемијата на ковид-19 и војната што Русија одлучи да ја води против Украина, ние ги признавме нашите стратегиски зависности и решивме да дејствуваме за да ги намалиме.
Ние Европејците го постигнавме овој дефинирачки консензус на самитот во март 2022 година, исто така во Версај. Се согласивме за важноста да останеме под контрола на сопствената судбина и го отворивме патот за посуверена Европа, со опипливи одлуки донесени за одбраната, енергијата и економската безбедност.
Ние веќе не сме наивни. Без да ја загрозиме нашата отвореност, ние дејствуваме за да ги заштитиме нашите интереси, нашата независност и нашите вредности и да го потврдиме нашиот европски економски и социјален модел.
Она што ни треба сега е сеопфатна рамка за спроведување на овој европски консензус за суверенитет. Предлагам доктрина заснована на пет столба.
Првиот столб е најочигледен: посветеност на конкурентност, поголема интеграција и продлабочување на единствениот пазар на ЕУ, што е првиот услов за создавање европски шампиони во областа на чиста технологија и вештачка интелигенција.
Спротивно на тоа, индустриската политика, вториот столб, одамна е табу. Но во изминатите неколку месеци го обновивме овој стар концепт и го претворивме во моќен лост за да одговориме на предизвиците на еколошките и дигиталните транзиции, како и да одговараме на амбициите на нашите партнери и ривали.
Европскиот закон за чипови ќе ги поттикне истражувањето и развојот и производството на европски полуспроводници. Законот за нето нула индустрија ќе ги поедностави постојните правила и ќе поттикне повеќе инвестиции и вештини за зелена и чиста технологија.
Во март, Европската комисија објави измени на правилата за државна помош со цел подобра поддршка на стратегиските индустрии во Европа. Ова беше придружено со одлучувачки напредок во реформата на пазарот на електрична енергија.
Третиот столб е заштитата на виталните европски интереси и стратегиските добра. ЕУ за првпат создаде алатка за блокирање на странските аквизиции на стратегиски европски компании. И мора да бидеме храбри кога станува збор за технолошкото раздвојување и зајакнувањето на извозните контроли.
Следен е реципроцитетот, четвртиот столб. Тоа значи дека нашата трговска агенда треба да биде и амбициозна и конзистентна со нашите пошироки политички цели. Затоа, таа мора да биде одржлива, фер и избалансирана и да ги следи јасните европски стратегиски интереси.
Последниот столб во рамката е мултилатералната солидарност. Суверенитетот не значи самодоверба и ЕУ може да напредува само во контекст на глобалниот развој. Ги поканив земјите од глобалниот југ да дојдат во Париз во јуни за да ги постават темелите за нова меѓународна финансиска рамка.
Мораме да ја спроведеме оваа доктрина без одложување. Мораме да ја вратиме контролата врз нашите синџири на снабдување, енергија и иновации. Ни требаат повеќе фабрики и помалку зависности. „Произведено во Европа“ треба да биде нашето мото. Немаме избор, бидејќи суверенитетот е испреплетен со силата на нашите демократии.
Со децении, столбот на европската економија беше средната класа со добро платени индустриски работни места, уверени дека следната генерација ќе биде попросперитетна од претходната. Во Версај следната недела, и во наредните месеци, ние Европејците можеме да докажеме дека нашиот континент, колепката на индустриската револуција, може повторно да биде дом на процутот на индустријата и заедничкиот напредок.
Авторот е претседател на Франција