Десетици илјади Грузијци се собраа вечерва пред парламентот барајќи поништување на парламентарните избори одржани изминатиот викенд.
– Не ги изгубивте изборите – им порача претседателката на земјата Саломе Зурабишвили на демонстрантите кои вееја грузиски и знамиња на Европската унија.
– Ви го украдоа гласот и се обидоа да ја украдат иднината, но никој нема право да го направи тоа и никому нема да му го дозволите тоа – додаде таа.
Зурабишвили, која има главно церемонијална функција, најави дека ќе продолжи да го застапува патот кон Европската унија.
– Немаме алтернатива, сакаме да ја оставиме оваа земја на следните генерации – нагласи таа.
Лидерот на коалицијата Обединето национално движење Гиорги Вашадзе изјави дека опозицијата нема да учествува во никакви преговори со власта и оти ќе се залага за нови избори под меѓународен надзор.
– Нема да влеземе во овој парламент. Ги одбиваме сите мандати. Нема да влегуваме во никакви преговори. Ќе се бориме до победа и ви ветуваме дека заедно сигурно ќе победиме – изјави тој.
Централната изборна комисија на земјата соопшти дека партијата Грузиски сон освоила 54,8 отсто од гласовите на изборите.