Процени на енергетските аналитичари за предизвикот со нафтата во 2023 година

Според мислењата на голем број аналитичари, изразени во јавноста преку нивни изјави, интервјуа, колумни и анкети, нафтата како ресурс во никој случај не треба да се занемари и тоа како клучен фактор за многу процеси во тековнава, нова 2023 година.
Во продолжение, најпрвин кратка ретроспектива за цените на нафтата и како таа се движеше во просек минатата година. На светските берзи, цената на нафтата во 2022 година растеше втора година по ред, но значително помалку од претходната година – и по големите флуктуации како поради руско- украинскиот судир, така и поради слабоста на најголемите светски економии. Цената на барелот на лондонскиот пазар лани порасна за 10,4 отсто, односно на 85,91 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 6,7 отсто, односно на 80,26 долари.
Што нѐ чека во 2023 година?
Најпрво, според изјавата на Крег Ерлам од глобалната брокерска куќа ОАНДА, инвеститорите претпазливо влегуваат во 2023 година, очекувајќи понатамошни зголемувања на каматните стапки и рецесии во земјите низ светот!
Понатаму, Леон Ли од „ЦМЦ маркетс“ верува дека оваа година пазарот ќе балансира помеѓу стеснетата понуда и намалената побарувачка поради влошувањето на макроекономското опкружување.

– Во 2023 година се очекува глобалната стапка на невработеност да се зголеми нагло, што ќе ја ограничи побарувачката на енергија. Затоа мислам дека цената на нафтата би можела да се намали на 60 долари – објаснува Ли.
Но, според него, многу зависи од економијата на Кина, која и натаму е најголемиот светски увозник на нафта. Растот на кинеската економија нагло забави минатата година поради строгите мерки против ковид, па Кина забележа пад на побарувачката на нафта, по неколкугодишен раст.
Бидејќи кинеските власти неодамна се откажаа од политиката на нулта толеранција за ковид и почнаа да ги олабавуваат рестриктивните мерки, аналитичарите очекуваат забрзување на економскиот раст оваа година. Сепак, бројот на заразени не само во урбаните туку и во руралните делови на Кина рапидно расте, па здравствените експерти проценуваат дека повеќе од милион луѓе се заразуваат со ковид секој ден. Затоа трговците стравуваат дека со укинувањето на рестриктивните мерки ширењето на заразата ќе се забрза и ќе трае подолг период, што може да изврши притисок врз здравствениот систем и целата економија во наредните месеци, а со тоа и врз побарувачката на Кина за нафта.
Околу 30 аналитичари што учествуваа во анкетата на Ројтерс проценуваат дека оваа година цената на барелот во Лондон ќе биде во просек околу 89,40 долари. На американскиот пазар, пак, според процените, просечната цена би можела да биде околу 84,85 долари.