Бугарската социјалистичка партија и „Демократска Бугарија“ одбија да го поддржат кандидатот за премиер на ГЕРБ-СДС, Николај Габровски, по првите три средби одржани во Народното собрание, јави дописникот на МИА од Софија.
Според Габровски, неопходна е промена на тонот во политичкиот говор за време на разговорите со „Демократска Бугарија“, БСП и „Бугарски подем“ на Стефан Јанев. Тој како свои приоритети ги наведе влезот на Бугарија во Шенген и еврозоната, планот за закрепнување и одржливост и владеење на правото.
„Демократска Бугарија“ и БСП на средбата дојдоа од почит кон Габровски, но изјавија дека нема да го поддржат.
„Бугарски подем“ и поранешниот вршител на должноста премиер Стефан Јанев дадоа барање за продолжување на разговорите.
Мандатарот коментираше дека на Бугарија не и требаат нови парламентарни избори. Според него, планот за закрепнување и одржливост треба да биде прва задача на новата бугарска Влада, а Шенген треба да биде втора задача и трето, како што рече, е насочување кон влезот во еврозоната.
Габровски и најави на „Демократска Бугарија“ дека лично ќе се обврзе да бара уставно мнозинство за спроведување на реформите во судството и измените во законодавството за создавање механизам за контрола на активностите на јавниот обвинител.
Без да и дадат поддршка на владата на ГЕРБ, „Демократска Бугарија“ е подготвена заедички да работи со неа на конкретни теми, иако е во опозиција.
Средбата на Габровски со БСП беше кратка. Тие отворено кажаа дека нема да поддржат влада на ГЕРБ, но изјавија дека веруваат дека на Бугарија и треба стабилност.
Од партијата на поранешниот вршител на должноста премиер Стефан Јанев порачаа дека на Бугарија и е потребна влада и побараа дијалогот да продолжи.
Денеска продолжуваат консултациите во бугарскиот Парламент заедно со „Промените продолжуваат“, Движењето за права и слободи и популистичкото „Препород“, кое, исто така, сигнализираше дека нема да поддржи влада со мандат на партијата на Бојко Борисов.