Земјите од Западен Балкан заслужуваат силна поддршка на нивниот пат кон членство во Европска Унија, изјави шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок пред нејзината посета на Подгорица и на Сараево.
– Не можеме да си дозволиме сиви зони никаде во Европа и мораме да направиме сè што можеме заедно за да ги затвориме крилата што Русија може да ги користи за својата политика на дестабилизација, дезинформација и инфилтрација. Ова вклучува поддршка на земјите од Западен Балкан да ги зајакнат нивните демократски институции, да ја подобрат нивната отпорност и да понудат економски перспективи на луѓето – посочи Бербок.
Таа потенцира дека поради „геополитичката неопходност, особено во лицето на бруталниот империјализам на Русија, треба да направиме сè што можеме за да ги поддржиме шесте земји од регионот на нивниот пат кон пристапување во ЕУ“.
Предвидено е Бербок во Црна Гора да има средба со премиерот Милојко Спајиќ, министерот за надворешни работи Филип Ивановиќ и претседателот Јаков Милатовиќ. Подоцна денеска во Босна и Херцеговина, Бербок ќе се сретне со членовите на тричленото мултиетничко претседателство на БиХ, како и со високиот претставник Кристијан Шмит.