Фото: Принтскрин/Јутуб

Познатиот белградски сплав „Картел“ потона синоќа по полноќ, во време кога на него имало голем број млади луѓе кои дошле да го следат концертот на сараевскиот рапер Цунами, пренесуваат српските медиуми.

Дел од гостите гостите скокале во реката Сава и пливале кон брегот кога сплавот потонал, како што може да се види на видеата објавени на социјалните мрежи.

– Некои почнаа да скокаат во водата и да пливаат до брегот, додека други останаа закотвени во страв. Веднаш дојдоа и родителите на гостите кои беа заглавени на сплавот. Луѓето беа нервозни. Видов дека брзата помош му помогна на едно момче. Сите беа во паника. Повикаа помош – изјавила за „Блиц“ девојка која била сведок на потонувањето на сплавот „Картел“.

На местото на несреќата биле сите расположливи спасувачки единици на МВР на Србија, како и екипи за итни случаи, при што спасувачите со чамци пренесувале гости до брегот.

– Нема мртви и повредени на сплавот „Картел“, кој почна да тоне нешто по полноќ кога на него се наоѓаа стотина млади луѓе – изјави началникот на Секторот за вонредни состојби во Србија, Лука Чаушиќ, додавајќи дека 114 лица биле евакуирани од припадници на Одделот за вонредни состојби.

Чаушиќ не можеше да го каже точниот број на луѓе кои биле на сплавот во моментот на несреќата, наведувајќи дека точните проценки ќе се знаат во наредниот период.

Тој додаде дека синоќа околу 1.30 часот било пријавено дека сплавот „Картел“ почнал да тоне на реката Сава и дека има неколку стотици луѓе во водата.

За Танјуг, синоќа во итната помош, рекле дека на сплавот имало голем број луѓе, претежно млади и малолетни лица кои се обидувале да се спасат скокајќи во водата. Според дежурниот лекар, се започнало со дојава за тепачка на сплав.