Комесарот за соседство и проширување на Европската Унија, Оливер Вархеи денеска изјави дека се подготвува нов план за забрзување на економскиот раст на Западен Балкан.
Преку видеопорака се обрати на Форумот на министерите за економија од Западен Балкан и ЕУ во Тирана, кој се одржува во рамки на Берлинскиот процес, со учество на над 20 делегации на високо ниво.
– Во сегашниот геополитички контекст, проширувањето на ЕУ со Западен Балкан е повеќе од кога било инвестиција за мир, безбедност и просперитет на нашиот континент. Тоа е инвестиција за нашата заедничка иднина, за која оваа комисија работеше напорно од почетокот на својот мандат, презентирајќи нова методологија за проширување, одобрување и спроведување на план за инвестиции во економијата на регионот – рече еврокомесарот, јави АТА.
Додал дека спроведувањето на планот оди со брзи чекори.
– Досега имаме одобрено три милијарди евра грантови кои ќе мобилизираат 15,9 милијарди евра за инвестиции. Ова вклучува 54 важни проекти во транспортот, енергијата, животната средина, дигитализацијата, човечкиот капитал и конкуренцијата во приватниот сектор – нагласил Вархеи.
Комесарот информирал дека во декември ќе има и други проекти, како и нов план за економски раст на Западен Балкан.
– Заедно со регионот и меѓународните финансиски институции подготвуваме серија инвестициски проекти кои се очекува да бидат одобрени во декември. ЕУ го одржува ветувањето, но сега е време да се забрза процесот на членство, вклучително и нашата економска интеграција. Знаеме дека економската конвергенција е во срцето на придобивките што доаѓаат од членството во ЕУ. Во моментов, конвергенцијата на Западен Балкан е на ниско ниво. Со приход по глава на жител помеѓу 30 и 50 проценти од просекот на ЕУ, регионот треба да го зголеми пристапот до факторите на економски раст. Заедничкиот пазар ја постави целта за финансиска помош и реформи што е можно поскоро. Поради оваа причина, како што беше најавено во мај 2023 година, подготвуваме нов план за економски раст на Западен Балкан – изјавил еврокомесарот.
Според него, овој план ќе го забрза темпото на социјално-економско приближување на регионот со ЕУ и на овој начин ќе ги забрза подготовките за членство во ЕУ.
– Конкретно сакаме да ја забрзаме економската интеграција со регионот и заедничкиот пазар на ЕУ – порачал Вархеи.