Кој има странски воени бази на Балканот и каде се наоѓаат

Неодамнешната средба меѓу албанскиот премиер Еди Рама и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на која беше разгледувана можноста за формирање поморска база на Алијансата во Драч, уште еднаш го актуализира прашањето – колку и каде има странски бази во регионот?

Албанија гради две нови бази

Албанскиот град Драч наскоро би можел да стане познат како место на нова база на НАТО во регионот – а притоа и поморска. За многумина експерти токму оваа најнова идеја, промовирана официјално на неодамнешната средба меѓу Рама и Столтенберг, одржана во седиштето на Алијансата во Брисел, е посебно интересна и загатнува еден сериозен проблем. Таа база, како што наведува албанскиот премиер Рама, би била во новото пристаниште Порто Романо, каде што покрај комерцијален и трговски „се очекува и воен дел“.
На прес-конференција во Тирана, по враќањето од самитот на НАТО во Мадрид, Рама рече дека таму „ги презентирал деталите за изградбата на пристаништето“. За поморската база, меѓу другото, се зборуваше и за време на посетата на Брисел, кога Рама посочи дека новата база ќе се базира на „најновите технолошки стандарди“. Тој не соопшти повеќе детали за тој проект, а за него не зборуваше ниту Столтенберг.
Албанија е членка на НАТО од 2009 година, а базата во Драч веројатно нема да биде првиот воен центар на Алијансата во таа земја. Според досега достапните податоци, во тек е реконструкција на старата воздухопловна база Кучова.
Реконструкцијата на напуштениот аеродром Кучова, на југот на земјата, изграден во 1955 година, трае од јануари. Блискиот град Кучова, за време на комунистичкиот режим во Албанија, под водство на Енвер Хоџа, се нарекувал град на Сталин, пишува „Јуроњус“.
Рама тој аеродром го нарекува „првата воздушна база на НАТО“ во регионот, која треба да се користи за обука, снабдување и логистика. Во базата биле стационирани авиони од руско и од кинеско производство, кои денеска не се во употреба. Има стари авиони „МиГ“, симболи на поранешната воена авијација, пренесуваат медиумите.
– Во оваа база порано летаа „МиГ-15“, „МиГ-17“, „МиГ-19“ и тоа беше моќна база со многу летови и многу вежби – изјави за агенцијата „Анадолија“ командантот на базата, мајор Арќил Ољдаши. Последните летови беа извршени во 2005 година, од кога базата стана место за обука на пилоти на албанското воено воздухопловство, вежби на албанската армија и земјите-членки на НАТО, додаде тој.
Завршувањето на работите се очекува есента 2023 година, а според тврдењата на албанските власти, базата ќе ја користат албанската армија и НАТО. Според податоците на Министерството за одбрана на Албанија, НАТО во реконструкција на базата ќе инвестира 45,8 милиони евра.
– Тоа е целосно странско финансирање, додека за пристаништето во Драч, секако, сами ќе го финансираме целиот комерцијален дел и го поканивме НАТО да учествува во финансирањето на воениот дел. Ако го постигнеме тоа, тоа ќе биде нешто што има исклучителна стратегиска вредност за Албанија, но и за самото НАТО – рече Рама.

„Приказната“ со воените бази доби на интензитет со мировните мисии

Присуството на странски сили на Балканот во последните децении не беше воопшто невообичаено, особено преку мировните сили за време на војните во 1990-тите, како што беше УНПРОФОР во Босна. Поголемиот дел од регионот оттогаш стана дел од НАТО – Словенија во 2004 година, Хрватска во 2009 година, Црна Гора во 2017 година и Македонија во 2020 година, а Алијансата, исто така, може да ги користи нивните ресурси и територија, со договор.
Босна и Херцеговина не е дел од НАТО, но во нејзините граници сè уште има мировници – членки на ЕУФОР, силите на Европската Унија со задача да го зачуваат Дејтонскиот договор, со кој заврши војната во 1995 година. Во Сараево, на линијата што ги дели Федерацијата и Република Српска – двата ентитета на кои беше поделена земјата со Дејтонскиот договор во 1995 година – се наоѓа базата ЕУФОР. Станува збор за силите на Европската Унија, кои го надгледуваат военото спроведување на Дејтонскиот договор и се во Босна и Херцеговина од 2004 година. Пред тоа, спроведувањето беше надгледувано од СФОР и ИФОР, под команда на НАТО.
Во март 500 војници, кои пристигнаа во ЕУФОР, беа распоредени низ Босна и Херцеговина. Темата за членството во НАТО во Босна и Херцеговина во тоа време продолжува да предизвикува тензии.
Една од најпознатите бази на Балканот е американската воена база Бондстил во Косово, која ја користат и мировните сили на КФОР. Станува збор за базата отворена по војната на Косово во 1998 и 1999 година, кога НАТО ја бомбардираше Сојузна Република Југославија. Причината за воената интервенција на НАТО беше прогонот на Албанците во Косово од страна на српските безбедносни сили.
Името го доби по Џејмс Лерој Бондстил, американски војник што служел за време на војната во Виетнам, по што бил награден со Медал на честа.
Базата се наоѓа во близината на Урошевац, на истокот на Косово, недалеку од границата со Македонија. Зафаќа нешто помалку од четири квадратни километри, наменет е за престој до 7.000 војници, што ја прави најголемата американска база на Балканот.
И Србија не е дел од НАТО, но ја застапува идејата за воена неутралност – сепак статусот на Српско-рускиот хуманитарен центар во Ниш привлекува големо внимание веќе 10 години. Формиран е во 2012 година врз основа на договор меѓу Владата на Србија и Владата на Русија, со цел „да обезбеди низа хуманитарни задачи на територијата на Србија и другите земји од балканскиот регион“, според нејзиниот веб-страница.
Меѓутоа, западните власти често наведуваат дека се работи за руска разузнавачка, па дури и воена база, што Белград и Москва го негираат.
„Доколку ѝ дозволи на Русија да формира шпионски центар, Србија ќе ја изгуби контролата врз дел од својата територија“, рече Хојт Брајан Ји, висок претставник на Стејт департментот задолжен за Европа и за Евроазија, во 2017 година.
Центарот во меѓувреме побарал и дипломатски статус за персоналот, кој сѐ уште не е пристигнат „поради големиот отпор на Европската Унија“. Српско-рускиот хуманитарен центар беше тема и во Европскиот парламент. Шестмина пратеници во Европскиот парламент ги повикаа српските власти да „обезбедат поголема транспарентност за улогата и активностите на таканаречениот хуманитарен центар“.
Александар Вулин, министерот за внатрешни работи на Србија, неодамна изјави дека центарот „со својата благородна работа и акција… ја оправда својата цел на постоење“.