Фото: Принтскрин

На 89-годишна возраст денеска почина Латинка Перовиќ, југословенска историчарка и политичарка, јави дописникот на МИА од Белград.

На само 27 години таа била претседателка на Антифашистичкиот фронт на жените на Србија (АФЖ). Работела како секретар на Сојузот на комунистите на Србија од 1968 до 1972 година. Важеше за највлијателната жена во земјата во тоа време и единствената која не ја доби својата позиција со брак со помоќен маж, туку врз основа на нејзината интелигенција, способност и амбиција.

Во 1972 година, Јосип Броз Тито ја сменува од функцијата секретар поради страв дека нејзините верувања се премногу либерални.

После тоа, Латинка Перовиќ се посвети на историските истражувања и стана позната како експерт за српската историја од 19 век, како и за современата српска историја.

Од 1976 до 1998 година работи во Институтот за понова историја на Србија.

Со обновувањето на повеќепартискиот систем во Србија, таа повторно влезе во општествениот и политичкиот живот, но на дискретен начин. Во текот на 1990-тите беше опозиционо ориентирана кон политиките на режимот на Слободан Милошевиќ. Била член на Политичкиот совет на Либерално-демократската партија (ЛДП) и на Граѓанско-демократскиот форум.

Во своите текстови и студии за модерна Србија, таа често нагласуваше дека на Србија и е потребен политичар кој јавно ќе ја преземе одговорноста за злосторствата извршени во поранешна Југославија за да помогне во помирувањето со соседните земји и да спречи повторување на слична трагедија.