Фото: Принтскрин

Неверување, очај и гнев владеат во Грција откако десетици луѓе загинаа во најтешката железничка несреќа во историјата на земјата.

Според извештаите на медиумите, досега најмалку 42 лица загинале во несреќата, која се случила на 534 километри северно од Атина, кога брз патнички воз што се движел кон Солун се судрил со товарен воз што доаѓал на истата пруга, а потоа излетал од шините и се запалил. Сѐ уште не е познато како возовите завршиле на истата пруга.

Преживеаните во брзиот воз, во кој се превезувале околу 350 луѓе, рекле дека се сеќаваат само дека возот ненадејно запрел, по што вагоните биле зафатени од пламен. Многумина избегале од пламените јазици преку прозорците, додека други биле исфрлени од возот при судирот.

Спасувачите ги пребаруваат остатоците од возот што тлеат. Во блискиот град Лариса, десетици луѓе се собрале во локалната болница, чекајќи вести за своите најблиски.

– Некој мора да плати за ова – извикал роднина на една од жртвите.

Дел од жртвите биле студенти кои се враќале дома во Солун.

– Настана паника. Се запалија каблите, огнот веднаш се прошири и беше лево и десно од нас – изјави 28-годишниот патник Стергиос Миненис.

Друг патник во еден од последните вагони рече дека почувствувал како возот се тресе и потоа се превртел.

– Успеав да излезам и да тргнам напред, возот беше свиткан под агол од 90 степени, половина висеше над карпата и гореше. Имаше петмина повредени каде што стоев – рече тој.

Долината Темпи, каде што се случи железничката несреќа, е озлогласена, откако 23 деца загинаа во сообраќајка во тој реон, во 2003 година.