Фото: Лукашенко/Интернет-страница на белорускиот претседател

Кина вети дека ќе ги зајакне трговските врски со Белорусија и покрај продлабочувањето на западните санкции против блискиот сојузник на Русија, чиј лидер Александар Лукашенко денеска пристигна во државна посета на Пекинг, каде рече дека го поддржува кинескиот план за мир во Украина, пишува „Политико“.

Весникот известува дека Лукашенко, кој одби да се повлече по наместените избори пред три години и е близок соработник во војната на Владимир Путин против Украина, добил ВИП третман во Кина. Во негова чест, Народноослободителната војска на Кина изведе почесна стрелба.

– Пријателството меѓу Кина и Белорусија е нераскинливо силно, му порача кинескиот претседател Си Џинпинг на Лукашенко, првиот европски шеф на држава во државна посета откако кинескиот лидер минатата година обезбеди трет мандат.

– Кина и Белорусија се заеднички гаранти на меѓународната правда – оцени кинескиот лидер, пренесува „Синхуа“.

Лукашенко, чија економија е тешко погодена од санкциите наметнати од Западот поради неговата улога во помагањето на руската специјална воена операција во Украина, обезбеди нови ветувања од кинескиот лидер за понатамошни инвестиции во Белорусија.

– Ќе се прошири економската и трговската соработка, а кинеско-белорускиот индустриски парк ќе биде целосно изграден – му рече Си Џинпинг на Лукашенко.

Од своја страна, белорускиот лидер рече дека „целосно го поддржува“ планот на Кина за решавање на украинската криза, објавен минатата недела.

Си, исто така, истакна неколку забелешки за Украина по објавувањето на планот, кој беше доведен во прашање од ЕУ и САД, иако украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека е отворен да разгледа некои делови од предлозите на Пекинг.

– Сржта на позицијата на Кина е да промовира мир и да ги олесни преговорите. Клучно е да се држиме до насоката на политичко решавање, да се напушти целиот менталитет на Студената војна, да се почитуваат легитимните безбедносни грижи на сите земји и да се изгради избалансирана, ефективна и одржлива европска безбедносна архитектура – рече Си Џинпинг.

Тој, исто така, обвини одредени земји за „политизирање и инструментализирање на светската економија“ за време на „украинската криза“, повикувајќи ги „искрено да се посветат на чекорите кои придонесуваат за прекин на огнот и мирно решавање“, пренесе „Политико“.