Фото: Аналена Баребок - Твитер

По претставувањето на феминистичка стратегија за надворешната политика

Германските министерства за надворешни работи и за развојна помош сакаат да ја поддржат позицијата на жената во иднина со феминистичка стратегија за надворешна политика, беше објавено денеска во Берлин.

– Ние не повикуваме на револуција, тоа е нешто што се подразбира – рече министерката за надворешни работи Аналена Бербок (Зелените) додека ја претставуваше новата феминистичка стратегија за надворешна политика, која претходно денеска беше одобрена од федералната влада.

Бербок објасни дека новата стратегија не е за ограничувања туку за проширување на соработката со другите земји.

– Станува збор за зајакнување на положбата на жените кога станува збор за застапеност, права и пристап до ресурси – рече Бербок.

Таа нагласи дека „Германија може многу да научи“ од земји како Албанија и Руанда, каде жените се многу поприсутни во политиката отколку во Германија.

Германската министерка за развојна помош Свења Шулце (Социјалдемократската партија на Германија СПД) најави дека до 2025 година 93 отсто од ветените средства треба да бидат наменети за проекти кои гарантираат еднаквост.

Во иднина, како што нагласи Шулце, приоритет ќе имаат проекти во кои учествуваат и жени.

– Важно е да им се овозможи на жените пристап до образовниот, финансискиот и здравствениот систем преку проектите – нагласи Шулце.

Феминистичката надворешна политика беше вклучена во коалицискиот договор на социјалдемократско-зелено-либералната влада на Олаф Шолц.

Демохристијанската опозиција генерално го поздрави воведувањето на феминистичките принципи во германската надворешна политика, но изрази скептицизам во однос на нивната применливост.

– На крајот, тоа е само етикета која длабоко навлегува во структурата и работните текови на Министерството за надворешни работи, а која во исто време нема да има никаков ефект врз реалниот свет на надворешната политика, рече Силвија Бреер, една од потпретседателите на Христијанско-демократската унија (ЦДУ).

Во исто време, таа ја обвини министерката Бербок за неефикасност кога станува збор за политиката кон Иран и Украина.

– Компасот на министерката се уште очигледно не е прилагоден. Во спротивно, таа не би ги набљудувала страдањата на жените во Иран без да преземе нешто, изјави демохристијанската политичарка.