Процесот на имплементација на договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, мора да почне оваа година, бидејќи во спротивно може да се изгубат повеќегодишните напори, изјави специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.
Тој во интервју за ТАСР вчерашните преговори меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти ги оцени како тешки.
-Курти инсистира на документ кој де факто започнува со признавањето на Косово од страна на Белград и дури потоа да го направи својот дел, што се разбира не е реален начин за напредување- објасни Лајчак.
Тој посочи дека во овој момент не е потребно да се фокусира на понатамошни преговори со Белград и Приштина, туку да започне серија консултации со земјите членки на ЕУ, Британија и САД, за што ќе ја искористи и септемвриската сесија на ОН со цел да се постигне единствен и координиран одговор на меѓународната заедница на односите меѓу Белград и Приштина.
Лајчак посочи дека е од суштинско значење оваа година да започне имплементацијата на договорот за нормализација на односите, а доколку процесот може да се постави и започне, ќе продолжи и следната година.
-Доколку овие суштински одлуки не се донесат до крајот на годината, се плашам дека политичкиот календар во Европа и САД ќе биде таков што ќе ја турнат оваа агенда во втор план. Убеден сум дека Охридскиот договор е најдобриот документ. Двете страни го прифатија и би било штета да пропадне“-истакна Лајчак.
Тој оцени дека процесот на нормализирање на односите достигнал „пресвртница“ откако двете страни во февруари и март во Охрид се договориле за суштинските документи кои водат до нормализација на меѓусебните односи.
-Сепак, реалното спроведување на договорот не започна за шест месеци. Двете страни имаат огромен степен на недоверба една кон друга. Велат, дај ми го тоа што го заслужувам и потоа ќе го направам тоа што е потребно – ја опиша ситуацијата Лајчак.
Тој додаде дека тоа не функционира така и затоа ЕУ претставила предлог од седум точки што им овозможува на двете страни да одат паралелно.