Речиси целата територија на Црна Гора е без струја, соопшти Црногорскиот електродистрибутивен систем (ЦЕДИС).
Како што се наведува во краткото соопштение на Фејсбук страницата на ЦЕДИС, проблемот е „дефект во мрежата на црногорскиот електропреносен систем’.
Не се знае кога проблемот би можел да се реши.
Во исто време, како што пренесуваат хрватските медиуми, речиси и цела Далмација е без струја.
Без струја останаа Сплит, Омиш, Макарска, Дубровник и Жупа Дубровачка, Каштел, Солин, Водице, Првиќ, Задар, Стариград Пакленица, бројни острови.
Без напојување со електрична енергија денеска остана и цела Босна и Херцеговина.
Без струја остана главниот град Сараево, а струја нема ниту во Бања Лука, Зеница, Тузла и други места.
Ова за локални медиуми го потврди Елекропренос БиХ. Засега не е позната причината за прекинот на електричната енергија во БиХ.
Без електрична енергија од пладне е Тирана и повеќе градови во Албанија, како Корча, Елбасан, Скадар, Драч, Поградец, Лежа и Кукс.
-Илјадници семејства останаа без струја во топол ден кога температурите достигнаа 41 степени Целзиусови и кога денешниот ден е еден од најтоплите денови. Недостигот на електрична енергија предизвика хаос во сообраќајот поради неработење на семафорите – објавија медиумите.
Официјално соопштение за причината од државните институции нема, но, медиумите наведуваат дека има проблеми со далноводот Албанија-Црна Гора, но и далноводот Албанија-Грција.