Фото: ЕПА

Хрватска

Парламентарната комисија за одбрана едногласно ја поддржа набавката на осум ракетни системи ХИМАРС, вредни речиси 290 милиони долари, од страна на Хрватска, на седница на која присуствуваше и началникот на Генералштабот на вооружените сили, Тихомир Кундид, и покрај јавно изречената забрана од претседателот Зоран Милановиќ.
– Со ХИМАРС, вооружените сили добиваат нова способност што ја немаа досега, тоа е способност за прецизни и ефективни ракетни удари со долг дострел. Тоа несомнено претставува квантен скок во контекст на можностите на вооружените сили на Република Хрватска во спроведувањето прецизни ракетни напади со долг дострел. Како систем е најпрецизен и најефикасен во споредба со другите системи – рече Кундид, зборувајќи за стекнувањето со системот, кој беше прва ставка на дневниот ред, по што веднаш ја напушти седницата.
Хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ објасни дека пакетот вклучува осум лансери ХИМАРС и 394 проектили, како и други стоки, услуги, обука и логистичка поддршка неопходни за ефективно функционирање на системот.
– Испораката на системот ќе биде во 2028 година, а со него ќе пристигнат и ракетите – додаде тој и посочи дека овој систем во моментов го имаат само три европски земји, Романија, Полска и Украина.
Советникот за одбрана на претседателот Милановиќ, Ивица Олујиќ, рече дека Зоран Милановиќ генерално дал позитивно мислење за сите случаи на набавка на опрема за зајакнување на капацитетите на вооружените сили, па истото мислење го дал и за системот ХИМАРС.
Системот ХИМАРС е високотехнолошки лесен ракетен фрлач на тркала, што му дава поголема агилност и способност за маневрирање на бојното поле. Секоја единица може да носи шест проектили управувани со ГПС и бара мал број персонал за управување. Дострелот на ракетите од овој систем е околу 80 километри. Р.С.