Фото: Архива

Германско-францускиот предлог за косовскиот спор претставува нова иницијатива со веќе видени предлози, чија цел е да се даде простор на дијалогот и треба да се поддржи, но постои сомнеж во однос на ефектот што ќе го оствари, земајќи ги предвид досегашните слични обиди, според искусниот дипломат и поранешен амбасадор Огнен Малевски, кој за „Нова Македонија“ даде свое видување за германско-француската идеја.

Содржината на планот, кој предвидува развивање на меѓусебните односи помеѓу двете страни, е предмет на шпелулации во изминатите два месеца, а сега излезе на виделина откако неколку медиуми од регионот објавија дека имале увид. Предлогот предвидува Косово и Србија да разменат постојани мисии формирани во нивните влади и да се согласат дека спогодбата нема да влијае на билатералните и на мултилатералните меѓународни што веќе се склучени или се повикуваат на нив. Со планот, наводно, се предвидува Србија и Косово да ја продлабочат соработката во економијата, науката, транспортот, правдата, здравството, културата, спортот и во други области.

– Ова претставува обид за нов импулс во момент кога активностите на ЕУ, преку специјалниот пратеник Мирослав Лајчак се без ефект, односно пробив, освен намалување на тензиите. Ова се нови иницијативи со рециклирани предлози, во кои нема ништо спекталурно. Идејата е да се даде простор на дијалогот и таа треба да се поддржи – истакнува Малевски.

Српскиот претседател Александар Вучиќ е во дводневна посета на Париз, каде што треба да се сретне со шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, специјалниот претставник на ЕУ за косовскиот дијалог Мирослав Лајчак, а веројатно и со францускиот претседател Емануел Макрон.

– Се претпоставува дека ќе следат и средби со францускиот претседател Емануел Макрон, како и со германскиот канцелар Олаф Шолц, бидејќи сепак се работи за германско-француски план. Ќе видиме дали ќе има некакво придвижување, бидејќи досега малку видовме од претходните слични обиди, вклучувајќи ги Бриселскиот и Вашингтонскиот договор. Во минатото имаше многу обиди кои беа претставени на спектакуларен начин, но видовме дека договорите потоа не се спроведуваат. Тоа создава сомнежи и повикува на воздржаност – смета Малевски.

Косовската страна истакнува дека предлогот предидува и можност за признавање на Косово од страна на петте членки на ЕУ што моментно се противат на косовската независност – Шпанија, Грција, Кипар, Словачка и Романија.

– Малку знаеме за внатрешниот дијалог во ЕУ, но разединетоста по ова прашање претставува проблем за Унијата, бидејќи таа се залага за единствен став. Тешко е да се смени ставот на членките на ЕУ што се противат поради нивните специфични внатрешни состојби, а особено тврд орев претставува Шпанија. Ако има придвижување помеѓу Косово и Србија, ќе биде полесно и за членките на ЕУ. Можеби една или две од нив би можеле да ја сменат позицијата, но тоа нема да се случи без позитивно придвижување помеѓу Косово и Србија – објаснува Малевски.

Тој нагласува дека доаѓањето до решение по дипломатски пат претставува доминантен став во Белград и во Приштина.

– Освен неколку непромислени изјави, доминантен став во Белград и во Приштина е дека треба да се дојде до решение по дипоматски пат. И тоа е единствениот начин за смирување на ситауцијата, но сведоци сме дека одредени решенија излегуваат надвор од таквите тврдења, со што доаѓа и до гранични судири – заклучува Малевски.

Србија и Косово имаат различни ставови за планот, според првичните изјави на претставниците на власта на двете страни. Српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека позицијата на Србија во планот е неприфатлива бидејќи се коси со српскиот Устав, кој јасно го отфрла признавањето на Косово. Тој наведе дека планот подразбира и прием на Косово во Обединетите нации. Сличен став изрази и српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, кој нагласи дека предлогот е неприфатлив бидејќи тргнува од основата дека Косово е независна држава. Од косовската страна има назнаки дека предлогот е прифатлив, бидејќи би подразбирал откажување на Србија од Косово, со поддршка од најмоќните држави во ЕУ и од САД, како што посочи претседателот на косовското собрание Глаук Коњуфца. М.Ж.