Фото: ЕПА

Како во соседна Србија се анализираат поракитеод Брисел за проширувањето на ЕУ до 2030 година

На нашето долго патување во Европа се појави уште еден датум за евентуален прием на Србија и другите земји од Западен Балкан во Европската Унија. Како што рече претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, за време на својот говор во Блед – датумот е 2030 година. Новата „штоперица“ е вклучена во моментот кога Брисел е можеби најмалку подготвен да прими членови. Администрацијата на европското семејство признава дека Србија целосно ги исполнила критериумите за отворање на кластерот 3, но не го отвора и додека беснее војна меѓу Русија и Украина, која, заедно со постојните, донесе дополнителни услови за Белград, односно барање за целосно усогласување на надворешната политика со ЕУ и воведување санкции кон Москва… Ова го пишува во својата анализа „Новости“ во врска со новите пораки од Брисел за процесот на евроинтеграции

Подготвил: Mарјан Велевски

Во својата анализа белградскиот весник „Новости“ пишува дека „пред Белград да ги исполни сите услови, од кои некои, како што се договорот со Приштина и признавањето“ изгледаат неостварливо, самиот „клуб 27“ (ЕУ н.з.) мора да се трансформира. Тоа, според анализата, пред сѐ се однесува на „промена на начинот на гласање и отстапување од правилото“ и дека одлуката ќе поминува на пример со двотретинско мнозинство.

Шарл Мишел: Потребно е да се разговара за корекции на принципот на квалификувано мнозинство, односно за бројките и ситуациите кога се спроведува

Во анализата на српскиот весник „Новости“ се наведува дека „претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, уште еднаш ја маркира 2030 година, но оцени и дека интеграцијата на новите земји нема да биде лесна задача и ќе бара политичка храброст и реформи во ЕУ.
– Приемот на поголем број сиромашни земји кандидати ќе влијае на заедничкиот буџет и на некои политики на ЕУ. Бруто-домашниот производ на идните земји-членки е само 50-70 отсто во однос на најмалата европска економија, што значи дека тие ќе бидат нето-приматели од буџетот на ЕУ. Од друга страна, некои сегашни земји-приматели ќе плаќаат повеќе во буџетот на ЕУ по проширувањето отколку што ќе добијат од него. Мораме да сфатиме како да ја спроведеме оваа сложена транзиција. Принципот на едногласно одлучување не треба целосно да се отфрли бидејќи гарантира единство во спроведувањето на одлуките, туку потребно е да се разговара за корекции на принципот на квалификувано мнозинство, односно за бројките и ситуациите кога се спроведува. Тоа ќе биде особено тврд орев за кршење – рече Мишел.

Понатаму, во текстот се посочуваат зборовите на претседателката на Комитетот за евроинтеграции, Елвира Ковач, дека „од 26 мај 1999 година, кога Европската комисија го предложи ’Процесот за стабилизација и асоцијација’ за БиХ, Хрватска, Србија, Црна Гора, Македонија и Албанија, во Србија се променија три државноправни форми: СРЈ, ДЗ СК, Република Србија, 17-та влада е избрана по воведувањето на повеќепартиските системи, генерацијата родена тогаш има 24 години, од европската заедница се стигна до Европската Унија, до известувачи и комесари за проширување, сѐ се менуваше, само терминот европска перспектива беше константа“.

Пораката на Мишел „е добра и охрабрувачка, но треба да се почека самитот Европска Унија – Западен Балкан на крајот на оваа година“

– Се наддаваше за различни години за влезот на Србија во ЕУ, од 2007, 2014, 2025 година и сите беа симболични и „индикативни“ термини. Сега се споменува 2030 година, што значи дека во следниот мандат на Европската комисија 2024-2029 г. може да се заврши целиот процес. Мислам дека е важно што Мишел не се осврна само на европската перспектива, туку ја повика ЕУ конкретно да се справи со проширувањето и дека е свесен дека бавниот пат разочара многумина и во регионот и во ЕУ. Процесот на европска интеграција е двонасочен и неговата динамика зависи од Србија, но и од самата ЕУ, а факт е дека ЕУ често не ги разбира нашите ставови. За да влеземе во ЕУ до 2030 година, треба да го потпишеме Договорот за пристапување во ЕУ до крајот на 2028 година, за да може да биде ратификуван во сите земји-членки. Последното поглавје мора да биде затворено најдоцна во јуни 2028 година. Во два наврата Европската комисија препорача отворање на кластерот 3, подготвени сме за последната фаза од процесот на пристапување во ЕУ, во која напредокот се мери со имплементација на усвоените регулативи, стратегии и планови – вели Ковач.

Сузана Грубјешиќ од Центарот за надворешна политика посочи за „Новости“ дека пораката на Мишел „е добра и охрабрувачка, но треба да се почека самитот Европска Унија – Западен Балкан на крајот на оваа година за да се види дали 2030 година за членство ќе биде вклучена во официјалните документи на ЕУ, односно дали сите 27 земји-членки на ЕУ ќе се согласат со тоа“.
– Додека Мишел говореше во Блед, францускиот претседател Емануел Макрон во своето обраќање пред француските амбасадори во Париз повтори дека ЕУ мора да се реформира пред да прифати нови членки од Западен Балкан, Украина и Молдавија и дека веќе е комплицирано да се донесе одлука за 27 члена, а камоли со 33 или 35. Најважната реформа би била преминот од едногласност кон одлучување со двотретинско мнозинство, за што многу членови се против, бидејќи ќе го изгубат правото на вето. Од војната во Украина, проширувањето стана геополитичко прашање, но сè уште се разговара за моделите за прием на нови членови, бидејќи е извесно дека ќе инсистираат на постепена интеграција, а не на моделот според кој беа примени претходно. Повеќе од една деценија практично е стопирано проширувањето на ЕУ, а во исто време се зголемува бројот на самити, форуми и настани на оваа тема, што може да биде интересно за некои кругови во ЕУ и во Западен Балкан, но што, за жал, не придонесува за враќање на довербата на граѓаните во целиот процес – вели Грубјешиќ.

Во споредба со другите земји, Србија го има поглавјето 35, кое се однесува на Косово и кое најверојатно ќе биде последно што ќе биде затворено.