Во нашето северно соседство продолжува тензичната атмосфера
Безбедносната состојба на северот од Косово и во текот на вчерашниот ден беше тензична по инцидентот во Бањска, кој се случи во неделата, кога беа убиени припадник на косовската полиција и три лица од вооружена група. Вчера во Косово беше прогласен ден на жалост поради убиениот полицаец, во неделата во раните утрински часови во нападот на вооружена група на северот на земјата.
Во размена на оган, која се случила во текот на завчерашниот ден, ранет е уште еден припадник на косовската полиција, а од другата страна се убиени најмалку тројца напаѓачи и уапсени се уште четири лица што се доведуваат во врска со нив. Според официјални извори на косовското министерство за внатрешни работи, вооружената група имала 30 лица, кои биле маскирани и во униформи, а поседувале и тешко оружје. Kосовска полиција дополнително соопшти дека надлежните полициски единици уапсиле уште еден од напаѓачите, кој бил во воена униформа и вооружен со пушки и муниција.
Рада Трајковиќ од Европското движење на Србите од Косово и Метохија зборуваше во утринската програма „Разбуди се“ и притоа посочи дека се зборува за убиство на три лица од другата страна за кои се претпоставува дека се Срби, а има непотврдени информации дека има и повеќе убиени.
Министерот за внатрешни работи во Косово, Џелал Свечла, изјави дека има индиции дека бројот на убиените напаѓачи во завчерашната акција е уште поголем. Косовската полиција досега потврди дека тројца напаѓачи се убиени во Бањска и во Звечан.
– Има индиции дека бројот на убиените на нивна страна би можел да биде поголем, тоа ќе го дознаеме и ќе го провериме во скоро време – рече Свечла.
Вучиќ: Единствениот виновник е косовскиот премиер
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по повод случувањата во Бањска изјави дека го осудува убиството на албанскиот полицаец во околината на манастирот и дека тоа со ништо не може да се оправда, но дека тоа е резултат, како што рече, на теророт на премиерот на Косово, Албин Курти. Во обраќањето до нацијата, Вучиќ рече дека „денешниот ден е еден од најтешките за нивната земја и народот од 2004 и 2008 година“.
– Според информациите со кои располагаме, потврдено е дека тројца Срби од Косово настрадале. Двајца сосема извесно од снајперски оган, кога не било неопходно да бидат ликвидирани. Двајца се тешко ранети, а постои стравување дека настрадало и четврто лице. Следевме, пресретнувавме разговори за тоа што правеше таа албанска полиција, ние ќе ви дадеме докази – им се обрати на новинарите Вучиќ.
Додаде и дека косовската полиција добила зелено светло за интервенцијата од КФОР. Тој ја отфрли одговорноста на официјален Белград за „самоорганизирањето на Србите, кои се бунтуваат бидејќи повеќе не сакаат да го трпат теророт на косовските власти“. Вучиќ истакна дека единствениот виновник за она што се случи денес е косовскиот премиер Курти.
– Единствениот виновник, иако малку вина имаат и оние што му помагаат во тоа, за сè што се случува е Албин Курти. Ги остави луѓето сами да се грижат за себе и својата судбина и цело време провоцира. И жал ми е што дел од Србите наседнаа на тие провокации – кажа Вучиќ.
Истакна дека сето ова им одговара на Курти и на оние што го поддржуваат и дека ќе бараат причини да ја обвинат Србија „сè додека не го признаат Косово“.
Курти: Полицијата е нападната од криминални банди
Косовскиот премиер Албин Курти на прес-конференцијата рече дека „денеска е тежок ден за Косово“, но дека убиството на полицаец треба да се претвори во уште поголем ангажман во борбата против бандите, дивоградбите, криминалот и тероризмот, кои ги загрозуваат безбедноста на граѓаните и уставниот поредок.
Премиерот на Косово, Албин Курти, во говорот по инцидентот на влезот во селото Бањска го нарече тоа терористички чин, поддржан од Белград. Тој тврди дека напаѓачите се под опсада на косовската полиција. Курти покажа и слики од џипови без регистарски таблички, велејќи дека тие им припаѓаат на луѓето што учествувале во нападот во Бањска. Курти тврди „дека лицата во униформи без ознаки претставуваат организирана формација што дошла да се бори во Косово“.
– Нападите на вооружените групи продолжуваат. Има најмалку 30 тешко вооружени луѓе што се опколени од нашите сили и ги повикувам да се предадат. Тие се оние што ја напаѓаат нашата полиција. Сторителите и нивните наредбодавачи ќе бидат фатени и казнети, рече Курти по седницата на Советот за безбедност што се одржа во Приштина.
Курти и косовската претседателка Вјоса Османи ги обвинија „српските криминални банди“ за нападот врз полицајците.
Борел: Одговорните извршители мора да се соочат со правдата
Нападите на Косово мора веднаш да престанат, а сите факти за нападот мора да бидат утврдени, порачал високиот претставник на Eвропската Унија, Жосеп Борел, во телефонскиот разговор во неделата со Вучиќ и Курти во насока на смалување на тензиите и враќање на мирот и безбедноста.
Жосеп Борел изјави дека најостро го осудува „ужасниот напад на вооружена банда на припадниците на косовската полиција во Бањска на северот на Косово“.
– Одговорните извршители мора да се соочат со правдата. Повеќе невини животи се загрозени во тековните конфликти во околината на манастирот Бањска. Овие напади мора веднаш да престанат – порача Борел.
Шефот на дипломатијата на ЕУ, претставникот на Европската Унија за преговорите меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, изјави дека по новиот инцидент на северот на Косово, во наредните денови „ќе се фокусира на изнаоѓање пат напред“.
– ЕУ и нејзините земји-членки повеќе-пати ги повикуваат сите страни да работат на деескалација на ситуацијата на северот на Косово – кажа шефот на дипломатијата на ЕУ, претставник на Европската Унија (ЕУ) за преговорите меѓу Косово и Србија.
Според него, ваквиот кукавички чин на насилство е длабоко загрижувачки и се коси со самите принципи на мирот и соработката.
Тој додаде дека овој „страшен напад дополнително ја нагласува неопходноста од превентивна дипломатија и дијалог, што беше нагласено минатата недела“ за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Рама: Неопходна е мировна конференција за Косово
Премиерот на Албанија, Еди Рама, ја повика евроатлантската заедница да свика вонредна мировна конференција за да се спречи понатамошна ескалација на ситуацијата во Косово и да се зачува мирот во регионот.
– Евроатлантската заедница мора да ја собере сета своја импозантна моќ и на масата за дијалог за нормализација да ги седне Косово и Србија. Свикување вонредна мировна конференција, под надзор и гаранции на Европската Унија и САД, и истовремено преземање на сите вонредни мерки со КФОР, за да се спречи понатамошна ескалација на ситуацијата. Ова е стратегиски неопходно, не само заради редот и безбедноста на Косово денес туку и за утрешниот мир и иднината на регионот, пред продолжената криза во северниот дел на Косово да се оттргне од контрола и да прерасне во дестабилизирачки пожар за целиот регион – порача Рама.
Меѓународни реакции за тензиите на Косово
Очигледно не беше спонтан напад, изјави за Радио Слободна Европа, Чарлс Капчан, професор на универзитетот „Џорџтаун“ и поранешен директор за европски прашања во Советот за национална безбедност на САД во администрациите на Бил Клинтон и Барак Обама.
– Се чини дека ова е добро организирана акција, поради што е поопасна, бидејќи сугерира дека на терен има групи што се заинтересирани да предизвикаат насилство и се подготвени да се организираат и да најдат оружје што ќе им овозможи да го направат тоа – смета Капчан, кој не сака да ризикува со процените и да погодува кој стои зад напаѓачите.
Руските медиуми внимателно ги следеа настаните во Косово во неделата. Тие пренесоа дел од изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ по нападот во селото Бањска, во кој загина косовски полицаец, а потоа и престрелката меѓу полицијата и група маскирани напаѓачи на северот на Косово, во која полицијата уби тројца напаѓачи.
„Руска известија“ ја пренесе изјавата на Вучиќ дека Србија и покрај секој притисок никогаш нема да го признае Косово.
„РИА новости“ пренесува дека Вучиќ рекол дека Советот за национална безбедност на Србија и раководството на земјата внимателно ќе ја разгледаат ситуацијата во Косово и дека ќе донесат одлуки во наредните денови. РИА, исто така, пренесува дека српскиот претседател ја повикал меѓународната заедница да помогне во формирањето српска полициска единица на северот на Косово, со цел да се избегнат понатамошни конфликти.
Подготвил: Митко Јовановски